1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Со глава во правосмукалка“

Сулфур диоксид, азотен диоксид од индустријата, прашина во воздухот 20 пати поголема од дозволената, издувни гасови од илјадници возила ... Аерозагаденоста во Македонија стана алармантна.

Во последните неколку месеци, практично, со почетокот на годинашнава зима, аерозагаденоста на Македонија започна да станува се‘ поопасна за здравјето на стотици илјадници нејзини граѓани. Особено во декември минатата година количеството на ситни лебдечки честички од прав во воздухот на Скопје, Тетово, Битола и Скопје достигнуваше и до илјада микрограми на еден кубен метар воздух. Кочани и Кавадарци, исто така, се наоѓаат на листата на градови со загаден воздух.

„Властите треба поагилно да се вклучат во справувањето со аерозагадувањето

Драган Ѓорѓев од Републичкиот институт за јавно здравје, кој е професор на Медицинскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, вели дека во последните неколку недели концентрацијата на правта во воздухот е нешто намалена на „само“ 3 – 4 пати повеќе над дозволеното ниво од 50 микрограми на еден кубен метар воздух во некои од споменатите градови во земјата и дополнува: „Причинители за загадувањата на воздухот и другите елементи на околината се индустријата, но и тоа што во градовите имаме централни загревања со апсолутни неквалитетни горива. Граѓаните согоруваат дури и пластики и други материјали, кои се штетни и исклучително токсични. За сообраќајот да не зборуваме, тој е нерегулиран, во услови на една ’дива урбанизација’ во државата.“

Сашо Секуловски, портпарол на Министерството за заштита на животната средина, за ДВ вели: „Според Правилникот, мора да постои зголемување на параметарот ’ПМ 10’ за концентрациите на прав континуирано повеќе од десет денови. Досега тоа не се случило. Затоа во овој период не се преземени мерки, кои што се во согласност во владините одлуки, а тие се: посебен возен режим, намалување на активностите на одредени стопански капацитети, зголемување на контролите ... Податоците од сите 17 мерни станици во целата земја покажуваат дека  овие причинители предизвикуваат зголемување на ’ПМ 10’ најмногу до 5 денови. Кај големите индустриски капацитети, за кои е надлежно нашето министерство, нема зголемување на одредени концентрации, односно нема загадувања, како што покажуваат контролите на државниот инспекторат за животна средина“.

Mazedonien - Proteste in Skopje

Протести во Скопје против загадувањето (декември 2012)

Ѓоко Зороски, претседател на Движењето на екологистите на Македонија и прв човек на невладината еколошка организација „Грашница“ од Охрид, критички забележува: „Сметаме дека е потребно поагилно вклучување на властите во решавање на проблемите со аерозагаденоста во земјата. Нашите власти треба да се заложат за построги стандарди и контроли на загадувачите, бидејќи треба попрво да се води сметка за здравјето на граѓаните, пред економскиот фактор кој влијае врз вкупната добробит на државата. Значи, во овој поглед не треба да се одложува примената на некои законски одредби.“

Секуловски се надоврзува: „Согласно со законот за животна средина, големите индустриски капацитети имаат обврска до 2014 година да ги усогласат своите оперативни планови, што значи да добијат „А интегрирана“ дозвола за работа, во која се се вметнати сите параметри што треба да ги задоволат во делот на животната средина. Притоа, овие капацитети треба да имаат вградени најдобри достапни техники во своите деловни активности.“

„Индустриските капацитети не се приспособени кон европските критериуми за ’чиста технологија’“

Дали одложувањето на роковите за модернизација за филтри за издувни гасови на фабриките придонесува за алармантната ситуација со воздухот, но и не само со него, во Македонија?

Д-р Ѓорѓев е категоричен дека тешката и „валкана“ индустрија не може да има „грејс – период“ од кога ќе мора да поставува заштитни филтри и друга современа технологија за спречување на загаденоста на воздухот и воопшто на севкупната животна средина: „Индустриските капацитети насекаде низ државата не успеаја да се приспособат кон европските критериуми за чиста технологија. Нашите власти не ги притиснаа доволно тие капацитети да ги исполнат роковите кога ќе мора да исполнат обврските за да работат со ’чиста технологија’. Термоцентралите се најголемите загадувачи. Рударско-енергетскиот комбинат ’Битола’ е убедливо најголем загадувач. Меѓутоа, во Скопје ’Макстил’ и ’Окта’ се, исто така загадувачи. Во последно време посебно ’Макстил’, каде што, веројатно, поради финансиските причини не е набавен доволно систем за пречистување на воздухот.“

Ситуацијата е особено тешка во главниот град на Македонија: половина милион скопјани се жалат на мачнина, главоболки, оти ги печат очите и ги гребат грлата, дишејќи додека се на отворен простор. Илјадници луѓе си го ограничуваат движењето надвор. Љубителите на рекреативните спортови не може да се видат во толкав број, како во минатите години, а и децата се тргнати понастрана од нивните омилени игралишта. Многумина се во исчекување кога ќе мора да започнат да ставаат и заштитни маски за дишење, кога ги напуштаат своите домови. Некои од граѓаните на Тетово, пак, велат дека имаат чувство напати дека дишат како да се со „главата во правосмукалка“, поради големата концентрација на прав во воздухот.

Движењето на екологистите на Македонија пред четири месеци во Парламентот поднесе предлог за измена на постојниот закон за животна средина, но, на тоа засега нема никаков одговор. Првиот екологист Зороски напоменува: „На иницијатива на еколошката организација ’Вила Зора’ од Велес подготвивме и поднесовме во Собранието таков предлог за дополна на постојната регулатива, со барање да се регулираат минималните неопходни растојанија во зависност од типот на индустриските објекти до населените места. Се‘ уште го чекаме исходот од оваа наша иницијатива до законодавниот дом, за да почнеме  и да собираме потписи како поткрепа на оваа наша граѓанска иницијатива.“

Во меѓувреме, додека и ако се прифати оваа законска измена, додека Градот Скопје ќе се подготвува за спроведување акциски планови, а Министерството за животна средина допрва во текот на 2013 година ќе подготвува и правилник со мерки за дејствување, граѓаните ќе се наоѓаат се‘ повеќе ставени во една „шах – мат“ позиција во средината во која треба да живеат и да работат: без чист воздух кој би морале да го имаат додека дишат.