1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Со врвни готвачи и Ербас А380 против кризата

Ај-фон апликации, пилинзи на стапала, лимузина сервис, но и нови дестинации и редовни летови на Ербас А380. Како Луфтханза, најголемиот авиопревозник во Европа според бројот на пренесени патници, се справува со кризата?

default

Логото на Луфтханза

Резервирање карти однапред за да не се испуштат евтините летови и специјалните понуди, еден час чекање во ред за чекирање, доцнење на летовите, талкање по аеродромите во светот додека да се дојде до саканата дестинација. „Луксузното“ патување со авион лесно може да се претвори во хорор филм. Загубата е голема и за патниците и за компанијата превозник. Луфтханза упорно работи за да не дозволи да и’ бегаат патниците, свесна дека токму стабилниот број на патници, и тоа во сите три класи - економска, бизнис и прва класа - е еден вид гаранција за успешно функционирање.

Економската криза ја принуди компанијата да ја донесе амбициозната програма „Climb 2011“ за заштеда на 1 милијарда евра.

Lufthansa steigt bei Brussels Airlines ein

„Концептот на услуги на Луфтханза е исклучителен“

Сепак, големите проекти како Ербасот А380 нема да запрат, а патниците ќе се привлекуваат и со алтернативни понуди, како апликации за ај-фон, најсовремени туш кабини, сервис со лимузини, масажи и пилинг на стапала. „Развивме апликација која понатаму треба да ја тестираме, апликација за ај-фон која ќе ви помогне во снаоѓањето на аеродромот во Франкфурт. Ќе можете да видите дали да се симнете во Минхен или Хамбург и ќе имате можност да се ориентирате кој објект каде се наоѓа“, објаснува д-р Карл-Рудолф Рупрехт, менаџер-директор во Луфтханза Франкфурт.

Најдобрите готвачи од светот летаат со Луфтханза

Луфтханза и се спротивставува на кризата и преку „LSG Sky Chefs", компанија задолжена за логистиката за време на летот - јадењето, пијалоците, информативните материјали и сите оние нешта кои прават летот да биде што попријатен. Секој ден во „LSG Sky Chefs“ се мијат околу 40.000 чаши, 140.000 парчиња прибор за јадење, 150.000 чинии и 85.000 чаши, со што е најголема „мијачница“ на садови во Европа. „LSG Sky Chefs“ се грижи за своите патници, ставајќи го квалитетот на прво место, а посебна цел има да ги придобие патниците во првата класа. Посебни услуги има и за бизнис класата, велат од „ LSG Sky Chefs":

Deutschland Tarife Streik bei Lufthansa in München

Патувањето со авион лесно може да се претвори во хорор-филм

„Политика на Луфтханза е на своите патници да им нуди квалитетна храна и пијалок и тоа и во економска класа, со исклучок на внатрешните летови во Германија. На долгите дестинации храната е првокласна. Веќе 10 години имаме така наречена „Стар Шефс програма“. Сите најдобри готвачи од светот летаат со Луфтханза. Тие се менуваат секои два месеца. Имаме исклучително квалитетно мени за бизнис-класата, тоа значи дека покрај главното јадење нудиме разни предјадења и десерти. Концептот на услуги на Луфтханза е исклучителен.“

Тренинзи без да се троши керозин и без да се плаќаат давачки

Големиот концерн, основач на Стар Алијансата, посветува посебно внимание на безбедноста на патниците. Во тренинг центарот на Луфтханза, во големите машини кои чинат од 10 – 15 милиони евра, се симулираат секакви временски услови кои се предизвик за пилотите. Во соседните простории вежбаат стјуардесите и останатите членови на екипажот.

Airbus A320 Lufthansa

Може да се симулираат секакви временски услови

„Постојат повеќе причини зошто тренинзите се одвиваат со симулатори: се тренира без да се троши керозин, без да се плаќаат давачки, без да се плаќа за транзит. Може да се тренираат работи, кои не можат во вистински авион, може да се симулираат временски услови, турбуленции, ноќ или врнежи, што не може во реалноста. Тренингот е многу поефективен отколку во вистински авион", објаснува Армин Бајер од техничкиот тим на Луфтханза.

Ербас 380 - „џинот“ кој ја штити животната околина

Програмата за штедење „Climb 2011" не значи дека Луфтханза треба да се откаже од големите проекти, меѓу кои и проширувањето. Така на големото семејство, покрај Lufthansa CityLine, Lufthansa Italia, Air Dolomiti, Eurowings, Germanwings, Augsburg Airways, Contact Air и Swiss Airlines, неодамна му се приклучи и Austrian Airlines, преку која компанија Луфтханза ќе може да се фокусира на Источна Европа и на Блискиот Исток.

Erster Passagierflug des A380

Ербасот А380

Во големите проекти е и воведување редовна линија на Ербас А380 - веројатно во летниот план на летање за 2010. Дестинацијата до која ќе лета големиот Ербас, а да биде економски исплатлива, треба да се утврди деновиве. Меѓу кандидатите се Њујорк и Јоханесбург. Со должина од 73 метри и распон на крилата од околу 80 метри, Ербас А380 е најголем авион за пренос на патници на долги реалции, кој треба да придонесе за заштита на околината, намалување на бучавата и штедење гориво.

Пилотот Јирген Рапс зборува какво е чувството да се управува со најсовремениот авион: „Лиценцата за Ербас 380 ја добив пред две и пол години. Авионот причинува невидено задоволство за пилотите, од една страна е мошне масивен, но управувањето е како кај помалите авиони, како тие од серијата 320. Авионот е навистина флексибилен, што е неверојатно, бидејќи секогаш се мисли дека големите авиони се бавни и инертни."

Иако Луфтханза во првата половина од годинава забележа пад на бројката на патниците за 6,1 отсто споредено со истиот период лани, продолжува со јасна стратегија кон целта – подобри услуги, повеќе патници, се’ едно дали тоа ќе значи нови дестинации и нови авиони, или посебен третман на патниците со црвени рози, пилинзи за стапала, врвни готвачи и третмани за релаксација.

Автор: Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска

Поврзана содржина