1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со влезот на Хрватска, Македонија доби глас повеќе во ЕУ

Со членството на Хрватска во ЕУ се потврди дека процесот на проширување продолжува, а Македонија доби глас плус во Брисел, беше истакнато на денешната дебата во Скопје посветена на хрватско-македонските односи.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во воведното излагање на дебатата во организација на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при македонското МНР, истакна дека Македонија со влезот на Хрватска во ЕУ добила голем сојузник, земја која го изодела истиот пат, имала слични предизвици и конечно стигнала до целта.

„За земјите од регионот значаен факт е што добивме еден глас плус. Во ЕУ ќе има една земја повеќе од регионов која ги разбира предизвиците тука, знае низ што минуваме бидејќи и самата минала по сличен пат. Тоа за Македонија може да биде само плус“, рече Попоски, на дебатата насловена „Пристапувањето на Хрватска во ЕУ - перспективите на македонско-хрватските односи“.

Тој направи и паралела на хрватското искуство со специфичните предизвици и пречки на Македонија во евроинтеграциите кои подразбираат сериозни реформи на општеството.

„Она што е проблематично е дека оние правила кои ЕУ сама ги фиксирала повеќе пати биле прекршени врз грбот на Македонија... Во нашиот процес на проширување ние преминавме од еден систем во кој имате, во фудбалски жаргон, гол и треба да постигнете гол во систем во кој голот се поместува континуирано. Во нашиот случај во определни ситуации голот е тргнат од теренот и вие играте и не знаете на која страна ќе ви се појави следниот гол“, рече Попоски.

Хрватскиот амбасадор во Македонија Златко Крамариќ истакна дека со членството во ЕУ Хрватска постигна една историска цел, која е во интерес не само за земјата туку за целиот регион и за Унијата. Согласен е дека Македонија доби пријател во Хрватска кој ќе направи се што е во негова моќ да и помогне на патот кон ЕУ.

Според хрватскиот помошник-министер за европски прашања Хрвое Марушиќ, ставот на Хрватска во однос на разликите околу името останува непроменет.

„Сметаме дека билатералните прашања мора да останат билатерални и не смеат да се вклучуваат во процесот на пристапување“, потенцира Марушиќ.

Евроамбасадорот Аиво Орав рече дека и покрај евроскептицизмот, со пристапувањето на Хрватска во ЕУ како 28. земја-членка, се покажа дека нема замор во процесот на проширување, туку дека тоа продолжува.

„Пред 20 години никој во Париз, Берлин, Вашингтон, Москва ниту во Вилниус не веруваше дека Литванија ќе стане членка на ЕУ. Денес Литванија го има ротирачкото претседателство со Унијата. Денес и Хрватска е дел од ЕУ и од процесот на носење одлуки во Унијата. ЕУ нема да биде комплетна се додека сите земји од регионот не санат членки“, рече амбасадорот Орав.