1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Со виртуелни крави до милиони евра

На апликациите за модерните паметни телефони, како Ајфон, досега се гледаше како на „играчки за деца“. Сепак, во последно време бизнисот со мини-програмите прерасна во значаен економски фактор. Што не‘ очекува во иднина?

default

Ја обравте фармата денеска?

Кој ќе помислеше дека со виртуелни кравички можат да се заработат пари? Милиони играчи низ целиот свет сега си одгледуваат сопствена фарма на мобилниот телефон. Во играта „Фармвил“ од ниво на ниво станува се` подобар фармер. Бизнис-моделот на „Фармвил“ е неверојатно едноставен: една виртуелна крава чини петнаесет центи. Навидум незначителна сума, но милиони луѓе си купуваат најмалку по една. И така за компанијата која стои зад „Фармвил“, односно „Зинга“, бизнисот и тоа како и‘ се исплатува. Со мини-програмите наменети за мобилните телефони и „Фејсбук“, „Зинга“ во меѓувреме заработува по сто милиони долари годишно. А треба да се напомене дека фирмата беше основана во 2007 година. Добредојдовте во чудесниот свет на апликациите!

„Зборот апликација се однесува на софтверските пакети, наменети специјално за паметните мобилни телефони, кои нудат неколку други функции, освен телефонирање,“ објаснува Ахим Барчок од магазинот за компјутерска техника „СиТи“. „Овие софтверски пакети ги зголемуваат функциите на паметните телефони, од игри до организатори, системи за навигација, препознавање на гласот... Значи се` она што не е во основните функции на телефонот, може да се додаде со соодветна апликација,“ вели Барчок, кој е експерт за преносните електронски уреди. Се разбира, и тој има смартфон. Според актуелните истражувања, секоја година околу двесте милиони луѓе купуваат вакви супер- модерни мобилни телефони, кои не ги користат само за телефонирање.

Успех што воодушеви

Illustration Handy Programm iBeer

iBier една од многуте (без)корисни апликации за Ајфон

„Епл“, производителот на најпопуларниот смартфон во моментов, „Ајфон“, и` покажа на конкуренцијата како се заработуваат пари со апликациите. Во неговата таканаречена „Епстор“, односно виртуелна продавница за апликации, корисниците на „Ајфон“ или „Ајпод тач“ можат да „симнат“ разни апликации, некои бесплатно, а други за одредена сума пари. Успехот што „Епл“ го постигна ја воодушеви браншата. И апликациите за конкурентските системи на „Гугл“, „Блекбери“ и „Нокиа“ остварија значителен профит во 2009 година, и покрај финансиската криза. Експертите очекуваат дека индустријата со апликации до 2013 година ќе тежи петнаесет милијарди долари. Иако повеќето од апликациите се, всушност, бескорисни.

Битно е да препознае потенцијалот

Еден од пионерите во оваа индустрија е Џеф Клавиер од калифорниската Силиконска долина, кој почна да вложува капитал во овој ризичен бизнс. Тој уште предвреме ја препозна одлучувачката предност на продавницата за апликации на „Епл“: имено, таа им овозможува и на анонимни програмери можат да постигнат голем успех, бидејќи не ги обврзува со никакви комплицирани договори со мобилните оператори. Во принцип, секој може да продава апликација во „Епстор“.

iPhone Applikation der Deutschen Welle

„Дојче веле“ достапно и како апликација за Ајфон

Со своите пари и искуство, Клавиер помогна во основањето на компанијата „Тапулос“, чија дејност е создавање игри за „Ајфон“. И откако продавницата за апликации ги отвори своите виртуелни порти во 2008 година, „Тапулос“ веќе беше таму. Играта „TapTapRevenge“ стана бестселер.

„Вложивме голем труд и за малку немаше да успееме да се појавиме во продавницата уште на првиот ден. Имаше неколку технички пречки на страницата на ’Епл’. Ама за среќа се` се среди и по три дена нашата игра веќе беше на првото место на најпродаваните игри на ’Епстор’.

А што носи иднината?

Експертот Ахим Барчок предвидува: „Мислам дека ќе стане интересно во наредната година, во однос на тоа кој се` ќе продава апликации на „Епстор“. Видовме дека анонимни компании си го пробија патот и ги покажаа своите јаки страни. Но, сега полека се забележува дека и традиционалните производители на игри го откриваат потенцијалот на ’Ајфон’ или другите платформи и сакаат да се прошират и на ова поле“, вели Барчок.

Значи по пионерската фаза, сега следува периодот во кој „Зинга“, „Табулос“ и сличните на нив ќе треба навистина да се докажат. Барчок смета дека целата софтверска индустрија се наоѓа пред значаен пресврт, во кој прсти сакаат да вмешаат и големите компании. Се проценува дека учеството на индустријата за апликации во наредниве години би можела да ги претекне дури и класичните програми за персоналните компјутери.

Автор: Мартин Хајделбергер / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска