1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со бугарски пасош до посветла иднина, или можеби не!?

Колку Македонци имаат бугарски пасош, засега нема точен податок. Проценките се движат од 50.000 до над 100.000 граѓани.Бугарскиот пасош важи за „полесен“ пат до европска работна виза

Двојното државјанство ѝ ги отворило европските порти и на Соња Марковска. Заминала за Грција, па во Данска, но се вратила во Македонија.

„Мотивот да извадам бугарски пасош во тоа време беше во мојата глава. Бев решена да заминам далеку од Македонија, да си ја пробам среќата некаде надвор, бидејќи се` ми алудираше на странство, а не на Македонија. Отсекогаш знаев дека каде и да отидеш, условите се подобри од овде и беше редно да си ја пробам среќата“.

На Соња не ѝ било лесно додека нашла работа во Данска. Иако решила да се врати во Македонија, сепак искуството и е позитивно:

„Не беше лесно, џабе имаш бугарски пасош. Пак ти требаат финансии, луѓе кои ќе гарантираат за тебе. Едноставно, имаш пасош но не и работна дозвола за работа во таа земја. И таму има процедура, се чека месец или два за да добиеш документи, па потоа да бараш работа. Е, работата потоа се наоѓа за ден, два. Се` е полесно“.

Новинарството и мајчинството сега се главна преокупација на Соња. Во моментов работи хонорарно, но не губи надеж:

„Се вратив и сега за сега сме тука. Амбиции имаме можеби за назад, но сега доаѓаат и други обврски како дете и слично. Не е така едноставна процедурата за одново да се вратиш на местото каде што си бил и си работел“.

За искуството со бугарски пасош ретко кој сака јавно да зборува. Дури и оние кои посредуваат и живеат од овој бизнис. Еден од нив се согласи да даде изјава, но само анонимно:

„Работа има многу. До сега сум завршил работа на доста луѓе. Процедурата е едноставна, но сега трае малку подолго. Нема правила, но во последно време малку ги стегнаа критериумите. Се средува се`, но за сигурно најдобро е да се има документ кој потврдува дека имате некоја роднинска врска. Тогаш не е никаков проблем“, вели еден посредник за добивање бугарски пасош. 

Бугарскиот пасош важи за „полесен“ пат до европска работна виза. Се` повеќе млади, но и постари бараат излез со овој документ.

„Не се работи ниту за националност ниту за патриотизам. Туку едноставно за гола егзистенција. Затоа цветот на младоста на оваа држава отиде да биде измеќар по белосветските градови,“ реагира еден минувач кого го прашуваме што мисли за темата. Втор дополнува: „Нема нешто што е посебно во тоа, туку тоа е нормално. Условите во оваа држава се потпросечни“.

Колку Македонци имаат и бугарски пасош засега нема точен податок. Проценките се движат од 50.000 па дури до над 100.000 граѓани. Меѓу нив има бизнисмени, јавни личности, па дури и политичари.

Гледај видео 03:14

Со бугарски пасош до посветла иднина!?

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема