1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со „Банка на општините“ до подобро финансирање?

Заедницата на општини на РМ ја интензивира постапката за основање „Банка на општините“, заради финансирање на инфраструктурните, развојните и други потреби на единиците на локалната самоуправа со поповолни услови.

Управниот одбор на ЗЕЛС на својата седница од почетокот на декември 2012 година ја разгледа студијата за основање ваква специфична банкарска институција, единствена од ваков вид во Македонија, презентирана од изготвувачот – Центарот за економски истражувања при Економскиот факултет на државниот универзитет во Скопје. Градоначалниците членови на Управниот одбор на асоцијацијата на општини укажаа дека „во овој момент во земјата постои поволна клима за отворање ваква банка, која е навистина потребна за општините, особено што сега има општини кои се подготвени да реализираат и поголеми капитални инвестиции, но се соочуваат со ’недоверба’ кај постојните банки при одобрувањето кредити“.

Основачки капитал од 9 милиони евра

Раководството на ЗЕЛС смета: „Таквата банка ќе биде исклучително во функција на општините при искористувањето на средствата од европските фондови, а наскоро можеби и од структурните фондови, кога општината прво финансира дел од проектот, па потоа ги добива средствата. Банката ќе биде во полза на сите општини, а особено во полза на помалите општини, кои располагаат со многу мали буџети. Такви банки позитивно функционираат во светот и во Европа. Во случајот на таквата банкарска организација во Холандија половина од основачкиот влог им припаѓа на општините, а другата половина на државата“.

Душица Перишиќ, извршната директорка на ЗЕЛС, вели: „Целта на основањето ваква банка е да се овозможат поволни услови за финансирање на општините, кои ќе бидат нејзини акционери и извори на дел од нејзиниот капитал. Останатиот дел од основачкиот капитал ќе се обидеме да го обезбедиме од други извори: ќе им понудиме можност за вложување пари на Светската банка, на Европската банка за развој и на други субјекти, кои се занимаваат со кредитирање и слични банкарски дејности“.

Mazedonien ZELS Städte und Kommunen Gemeinschaft

Банката ќе биде единствено во функција на општините, се вели во ЗЕЛС

Студијата изготвена од Економскиот факултет предвидува три сценарија за функционирање и развој на „Банката на ЗЕЛС“, при што едното се однесува на работење со основачки капитал од 9 милиони евра. Определбите на Управниот одбор засега одат во насока банката да има толкав основачки капитал. Таа ќе може да учествува и во поддршка на емисии на општински обврзници. Во првите три години ќе биде можно да се одвојат 10 милиони евра за кредит, а позитивни финансиски резултати, односно добивка, ќе се покаже во третата година од основањето. Потребно време за стартување на ваква банка е најмалку од 15 – 22 месеци.

Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта за ДВ оцени: „Не знам за формирањето ваква банка. Кој ќе ја формира? ЗЕЛС? Немам доволно информации и не можам да коментирам. Јас сметам дека треба да се почитуваат институциите на државата, преку кои и се финансираат општините. Тоа е подобра работа.“

„Поповолно финансирање на понеразвиените, селски општини“

Професорот по локална самоуправа од државниот Правен факултет во Кичево Илија Тодоровски нагласува: „Сигурно е дека е позитивен секој модус за обезбедување тековни средства за општините, заради нивен развој и тековно функционирање. Треба да се развијат такви поповолни критериуми за финансирање, особено на послабо развиените општини, во функција на забрзување на порамномнерниот развој на единиците на локална самоуправа. Сепак, и покрај ваквата банка на општините, јавно – приватното партнерство и другите облици на алтернативно финансирање, општините и натаму ќе се соочуваат со големи финансиски дефицити и слаби извори за сопствени приходи. Крајното решение за финансиската ситуација, во која се наоѓаат, е да се изврши прераспределбата на парите што и‘ стојат на располагање на централната власт. Потребно е повеќе квалитетни средства да се наменуваат на локалните власти во земјата,  пред се‘ од персоналниот данок и данокот на додадена вредност.“

Vasilevo in Mazedonien

Треба да се развијат поповолни критериуми за финансирање, особено на послабо развиените општини

Тони Коцевски, градоначалникот на селската општина Јегуновце, која порано ја опфаќаше Вратница, како седиште на локалната самоуправа, истакнува: „Банката формирана од ЗЕЛС би била од големо значење за општините, бидејќи со постојната законска регулатива општините можат да земаат кредити, или заеми, но со одобрение од Министерството за финансии согласно со својата економска моќ и со буџетот со кој располага. Постои голема разлика меѓу буџетите на градските големи општини и на помалите селски општини и банката на ЗЕЛС ова ќе треба да го има предвид при одобрувањето кредити за развој. Една од потребите на селските општини е добивањето нов финансиски капитал. Значи, треба да се поддржуваат финансиските потреби и финансиската стабилност, особено на понеразвиените општини.“

Во текот на јануари 2013 година Управниот одбор на ЗЕЛС е предвидено да одржи нова седница, на која ќе се расправа повторно за започнатите активности за формирање на својата банка, при што е заклучено дека „општините се сериозни во изнаоѓањето вакви и други алтернативни начини за обезбедување средства за реализирање на капитални инвестиции“.