1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сојузниците ќе го послушаат Обама

Продолжува средбата на министрите за надворешни работи на НАТО. Шефот на Стејт департментот, Хилари Клинтон е уверена дека сојузниците ќе му излезат пресрет на барањето на Обама за дополнителни војници во Авганистан.

default

Германски војници во ИСАФ

Очекувам цела низа јавни најави за испраќање дополнителни војници, како и инструктори за авганистанските сили за безбедност, порача американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон по пристигнувањето во Брисел. Исто така, во Авганистан се потребни и експерти за цивилната обнова на земјата, како и финансиски средства за таа цел, појасни Клинтон. Некои од најавите на сојузниците ќе дојдат дури по денешната средба, нагласи шефицата на Стејт департментот.

Повеќе од 5.000 дополнителни војници од сојузниците на САД?

Hillary Clinton Manila

Хилари Клинтон очекува низа најави за дополнителни војници

Во моментот, во рамките на ИСАФ-трупите се стационирани вкупно 83.000 војници од земјите на НАТО. Повеќе од половината од нив доаѓаат од САД. Претседателот Обама вети испраќање дополнителни 30.000 војници и ги повика сојузниците да испратат свое засилување. Портпаролот на НАТО Џејмс Апатурај е сигурен дека вкупниот број дополнителни војници ќе ја надмине бројката од 5.000, колку што досега се ветени: „Потпирајќи се врз она што досега го слушнавме во изминатите 24 часа, мислам дека можеме со сигурност да кажеме дека ќе го надминеме овој број.“

Германија ќе причека

До вчеравечер, според Апатурај, пристигнале ветувања од вкупно 20 сојузнички држави. Меѓу нив, веќе е познато дека Италија и Грузија ќе испратат по 1.000 дополнителни војници, Полска 600, а Велика Британија и Јужна Кореја по 500. Некои земји, меѓу кои е и Германија, засега не дадоа конкретни ветувања, туку сакаат да причекаат и да ја согледаат ситуацијата по меѓународната конференција посветена на Авганистан, што ќе се одржи на крајот на јануари.

И вчерашната дебата во парламентот во Берлин околу продолжувањето на мандатот на сегашните 4.500 германски војници јасно стави на знаење дека зголемениот ангажман на Германија ќе оди повеќе во насока на инструктори за авганистанските сили за безбедност, како и на помош за цивилната обнова на земјата. Шефот на дипломатијата Гидо Верстервеле порача: „Ние, Германците, сме подготвени да вложиме зголемени напори на полето на создавањето и обуката на полициските сили, бидејќи само така ќе може да се создаде автохтона безбедност на Авганистанците. Само така ќе можеме и да им ја предадеме одговорноста за сигурноста во нивната земја, бидејќи никој не сака овој странски ангажман да трае вечно!“

Повлекување

Поради тоа Вестервеле ја поздрави најавата на американскиот претседател Барак Обама за почеток на повлекувањето на странските сили оод Авганистан летото 2011 година.

Westerwelle / Außenminister / Prag

Сакаме да работиме на перспектива за повлекување на нашите војници, вели шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле

„Сакаме да работиме на перспектива за повлекување на нашите војници и тоа мора да се случи уште во текот на овој легислативен период. Во таа смисла нашите замисли се поклопуваат временски со оние на американскиот претседател“ - појасни Вестервеле.

Но, притоа, мора да се каже дека НАТО секако не замислува масовно напуштање на странските војници на Авганистан во 2011. Според портпаролот на Алијансата, Џејмс Апатурај, станува збор за постепено повлекување на странските сили, така што авганистанските војници и полицајци ќе можат да ја преземат одговорноста за безбедноста на 24-те милиони нивни сограѓани. За таа цел, според пресметките на генералите од ИСАФ-силите, ќе бидат потребни околу 480.000 авганистански сили за безбедност. Со сегашниот број инструктори и темпо на обука, тоа не може да се постигне до летото 2011, нагласуваат генералите.

Автор: Биргит Шмајцнер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM