1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Социјалните мрежи забранети за наставниците во Германија

На наставниците и на децата во училиштата во покраината Баден-Виртемберг веќе не им е дозволено да комуницираат преку социјалните мрежи.Оваа одлука на властите се‘ уште ја покажува несигурноста кон новите медиуми

Насоките на Министерството за култура во Баден-Виртемберг се повеќе од јасни: наставниците во училиштата во оваа покраина не смеат веќе да ги користат социјалните мрежи како што се Фејсбук, Твитер, СтудиВЗ за работни обврски. Освен што се забранети за комуникација со учениците, истото важи и за комуникација помеѓу наставниците. Со тоа југозападната покраина ја прифати праксата која Баварија и Шлезвиг-Холштајн веќе некое време ја спроведуваат. Министерството својата одлука ја објасни со потребата од заштита на податоци. Меѓутоа, Ролф Буш, заменик претседателот на Националната асоцијација за образование е скептичен: „Во многу училишта во Германија внимателно се постапува со заштитата на податоци. Не е во ред наставниците да бидат казнети со ваква забрана“.

Министерството за култура го потврди сомнежот на родителите

Selman Özen LSBR

Селман Озен: „Не смее да постои обврска да се регистрираат децата на социјалните мрежи, само за да се пријават за учество во училишните активности“

Фејсбук веќе подолго време го држи местото на најважен медиум за комуникација. Преку таа платформа комуникацијата е полесна, поопуштена, отколку преку електронска пошта или телефон, па затоа и учениците на тој начин комуницираат со своите учители. Последниве години и наставниците се научија да ги користат предностите на социјалните мрежи. Известувањата како „Денес наставата по физичко образование ќе се одржи во дворот од гимназијата“ или „Наставниците можат да купат карти за матурската вечер на половина цена“ понекогаш побрзо ќе се прочитаат на групата на Фејсбук отколку на огласната табла во училиштето.

Веќе неколку години родителите и педагозите расправаат дали треба учениците и наставниците да бидат пријатели на Фејсбук. Загриженост постои поради се` помалата приватност. Одлуката на Министерството за култура во Баден-Виртемберг само ја разгоре расправата.

„Крајно време е Министерството за култура да се позанимава со таа тема“, изјави во разговор за Дојче веле, Селман Озен, претседател на Покраинскиот училишен совет во Баден-Виртемберг.

Заштитата на податоци не е загарантирана

Soziale Netzwerke

Последниве години и наставниците се научија да ги користат предностите на социјалните мрежи

Освен загриженост за приватноста, Озен укажува и на другиот аспект на расправата. „Не смее да постои обврска да се регистрираат децата на социјалните мрежи, само за да се пријават за учество во училишните активности“. Освен тоа, треба да се внимава и на педагошката дистанца - нешто што е тешко да се запази кога наставниците и учениците преку Фејсбук се во постојан приватен контакт.

Кај многу наставници препораките на министерството создаваат конфузија. Не е појаснето ниту кога комуникацијата преку Фејсбук се смета за службена, ниту пак се пропишани казни за кршење на оваа забрана. Исто така користењето на социјалните мрежи во училиштата не би требало да биде забрането по секоја цена. Дотолку повеќе, треба да биде дозволено учителите во текот на наставата да го објаснуваат користењето на социјалните мрежи. Треба да можат да го објаснат нивното функционирање, предностите и недостатоците, како и ризиците на социјалните мрежи.

Можни алтернативи

Social Media Facebook

Треба да биде дозволено учителите во текот на наставата да го објаснуваат користењето на социјалните мрежи

Самото министерство како алтернативна комуникација на социјалните мрежи ги наведува писмата и шифрираните пораки преку електронската пошта. Меѓутоа, смета Ролф Буш, немаат сите наставници службена адреса за електронска пошта (и-меил) која според критериумите за заштита на податоци би се сметала за сигурна. Министерството најпрво треба да направи стандарди и јасни упатства.

Селман Озен смета дека решението е во поделбата. „Учителите за комуникација би требало да ги користат и-меил адресите и известувањата на огласната табла. Учениците потоа можат самите да ја поделат таа информација на социјалните мрежи“.