1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Социјалната правда“ во предизборнaта кампања во Германија

Кој не се занимава со темата социјална правда, ќе биде казнет од избирачите. Тоа во 2005. година го почувствуваа демохристијаните и социјалдемократите. Во актулената предизборна кампања, оваа тема е важна за сите партии.

„Социјалната правда за мене е чиста изборна пропаганда, бидејќи секако нема ништо многу да промени. Богатите остануваат богати, а сиромашните- сиромашни“, вели 77-годишната пензионерка Ирмтруд С. „За социјална правда се сите луѓе и сите партии“, вели нејзиниот 80-годишен сопруг Јохан С. „За мене тоа значи дека секој човек може да живее од својот труд.“ Поимот социјална правда е комплексен и секој под него подразбира нешто друго, вели Михаел Зомер од Институтот за демоскопија во Аленсбах. Во истражувањето кое го спроведе овој институт na крајот на 2012. и почетокот на 2013. година е утврдено дека поголемиот број од германското население под социјална правда подразбира пред се' еднакви шанси за сите. „Тоа значи дека секој независно од социјалното потекло и пол има исти шанси во барање работа и образование.“, вели Зомер.
Политикологот Франк Нулмајер од Универзитетот во Бремен веќе долги години го следи начинот на однесување на партиите кон класичните прашања за социјална праведност. Тој има едноставно објаснување за фактот дека во оваа предизборна кампања оваа тема е особено популарна.„Тоа се малку задоцнети последици од финансиската криза во 2008. и од кризата на европската монетарна унија. Денес неможе да се избегне темата 'социјални последици на пазарот'. Разликите во сопственоста на граѓаните во Германија, но и во другите земји, се толку големи што како партија морате да завземете став.“ А германските партии токму тоа и го прават.

Ставот на партиите

За министерката за труд Урсула фон дер Лајен социјалната правда е „исконска демохристијанска тема“. Таа во рамките на својата партија се залага за воведување законски минимално загарантирани плати. Политикологот Нулмајер вели дека во Христијанско-демократската и Христијанско- социјалната унија одамна постои социјално политичко крило организирано во т.н. социјални одбори кои повторно добиле на значење.
Изворно социјалната правда е тема на социјалдемократите. „Ние сме еднинствени кои можеме да доведеме до создавање цврст сојуз меѓу силните и слабите. Сакаме да го намалиме јазот меѓу сиромашните и богатите“, вели политичарот од СДП Томас Оперман во интервјуто за Ноје оснабрикер цајтунг. На социјалдемократите, меѓутоа, негативна трага сѐ уште им оставаат реформите на социјалните системи и на пазарот на труд кои ги спроведе владата на чие чело беше поранешниот лидер на СПД, Герхард Шредер.



„Ние знаеме што е социјална правда“

Партијата на Зелените во својата изборна програма се залагаат за поголема социјална правда. Во тоа, како што вели кандидатот за канцелар од оваа партија Јирген Тритин, се вбројува воведувањето на општа минимална плата која подразбира 8,05 евра на час и поголема поддршка од државата на оние кои подолго време не се вработени. „Ние знаеме како да создадеме социјална правда“, вели самоуверено шефицата на пратеничката група во Бундестагот на Зелените, Ренате Кинаст.
Либералите пак во предизборната кампања се концентрирани на нешто друго. „Една земја е праведна ако е можен личен напредок со добро образование и ако не зависи од дебелината на родителскиот паричник“, изјави во интервјуто за весникот Билд министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле.
Левичарите во предизборната кампања влегуваат под мотото „100 проценти социјално“. Повеќе социјална праведност тие бараат во оданочувањето, пензиите и помошта за невработените.
Речиси 70 проценти од германското население според резултатите на анкетата спроведена од Институтот за демоскопија во Аленсбах е уверено дека економскиот поредок во Германија не е праведен и оти социјалната неправда во последниве години е зголемена.