1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

СОС телефон за муслимани

Од неодамна во Берлин работи првото телефонско психолошко советувалиште за муслимани. Оние кои имаат некој проблем, можат да се обратат за совет. Овој СОС телефон го финансира муслиманската организација Исламик Рилиф.

default

За луѓето во кризни ситуации е важно како партнер за разговор да имаат човек со слично културно и религиско потекло - така гласеше заклучокот на поголемиот дел од говорниците на свеченоста при пуштањето во употреба на првиот СОС- телефон за муслиманите во Берлин. „Кога некој муслиман ќе се јави поради семејни, или лични проблеми, тоа често е поврзано и со неговата религија. Оваа димензија постои дури и кај оние кои не се строги верници“, потенцираше Имран Сагир, раководител на проектот.

Symbolbild Telefonseelsorge

Муслиманскиот соработник на СОС телефонската линија може подобро да го разбере исламскиот контекст и поглед на свет отколку христијанскиот. Ова е причината поради која е воведена телефонската линија за давање совети за проблемите на муслиманите. Тест фазата траеше четири месеци, таа заврши, а сега СОС телефонот и официјално започна со работа. Него целосно го финансира Исламик Рилиф, една исламска организација со седиште во Келн и Берлин. Досегашните 22 доброволни муслимански соработници беа обучени од свои христијански колеги.

По почетната скепса, двете страни имаат добри искуства, подвлекуваат иницијаторите. Уве Милер, раководител на христијанскиот СОС телефон и инструктор на доброволците: „Во работата на германското телефонско психолошко советувалиште за луѓето во неволја, за одредени теми се консултиравме на пример со Библијата - што вели таа за самоубиството, за смртта, за жалоста. Овие христијански текстови во обуката не можевме да ги применуваме, туку со двајца имами, кои беа исто така на обука, баравме што вели на овие теми Коранот.“

Помош преку јакнење на самодовербата

Imran Sagir, Geschäftsführer des Muslimischen Seelsorge Telefons

Имран Сагир, раководител на проектот

Најчести теми со кои се соочуваат и кои им создаваат грижи на муслиманите се проблемите во бракот и со децата, болестите на зависност, осаменоста. Интенцијата во разговорите со муслиманите преку СОС телефонот, е да им се помогне да станат посилни и да се свртат кон практичните понуди за помош. Соработниците во телефонското советувалиште за муслимани се конфронтираа веќе и со екстремно кризни ситуации, како присилен брак и силувања.

Фатма, една млада студентка, со шамија на главата, како и најголемиот дел од советниците, во обуката пред се‘ научи да ја рефлектира својата ситуација и улога како советник: „Школувањето во секој случај беше од помош, тука имаше многумина психолози, се обучувавме преку играње одредени улоги, кога човек учи нешто преку свое искуство, зашто најпрво треба сам да знаеш како да реагираш ако се најдеш во криза, за да можеш да му помогнеш на друг. Човек треба да може и самиот да се отвори. Ако не го направи тоа, ако постои одредена дистанца, оној кој се јавува од другата страна на телефонот тоа веднаш го забележува. Сочувството е многу важно.“

Коранот нема одговор на секое прашање

Уве Милер, инструкторот на советниците во СОС телефонот, за искуствата кои ги направија двајцата имами, муслимански духовници, за време на својата обука вели: „Резимето на двајцата имами беше: ваква обука треба да му се препорача секому, зашто низ инсценирањето на улоги и методската работа, се согледува каде постојат дефицити, дека Коранот навистина неме одговори на секое животно прашање. Особено кога се работи за меѓучовечките односи“.

Автор: Мари Вилдерман/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска