1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СОС за колекторот на Охридското Езеро

Неoдaмна Јапонија најави учество со 10 милиони евра во реконструкцијата и доизградбата на системот за заштита на Охридското Езеро. Експертите предвидоа-за зафатот ќе се потребни двапати повеќе пари.

Желбата да се заштити од отпадните и загадени води Охридското Езеро, еден од најголемите слатки водени басени во Европа, кај месното население е се‘ поголема. Природната убавина и ендемичен свет заштитен од УНЕСКО и‘ налага на Македонија да биде побрза од галопирачката урбанизација и видливото загадување. И Албанија која поседува третина од Езерото поднесе барање кое е во процедура и тој дел да е под заштита на УНЕСКО. Колекторот со чести и непредвидливи излевања функционира од Пештани до Калишта.Тој е потенцијална еколошка бомба заедно со уште четриесетината населени места од кои отпадните води директно или индиректно завршуваат во синилото на Езерото. Од замислениот прстен околу Езерото сега во крајната пречистителна станица во Враништа се влеваат фекалии од околу 40 километри долгиот систем. Недостига делот од Градиште до Свети Наум, а на албанска страна се прочистуваат само водите во Подградец и најблиската околина. Езерото е национален благодет, но грижата за функционирањето на колекторот им е препуштена на Охрид и Струга. Државата засилено бара партнери кои би помогнале над 25 години стариот колектор да се реконструира и истовремено да го заштити од загадување засега најчистиот и најживописен крајбрежен дел.

Јапонски експерти го скенираа колекторот

Македонската влада од почетокот на оваа година е во интензивни преговори со Јапонија, чија влада вети заем или мек кредит од 10 милиони евра за заштита на Езерото. Вчера ( 31 август ) со презентација на извештајот заврши мисијата на јапонските експерти кои еден месец документирано и директно на терен ги согледуваа проблемите и недостатоците на колекторскиот систем.

„Мисијата опфати снимања на состојбата на цевките низ колекторскиот систем со директен влез во шахтите и средби со сите стручни и политички фактори во општините Охрид и Струга. Според извештајот јасни се проблемите со колекторскиот систем кои во најголем дел доаѓаат од мешањето на атмосферските во фекалните води како и од лошата состојба на цевките на добар дел од трасите. Исто така посочено е дека недовршениот дел како што е југоисточната траса ќе треба да се решава со посебни пречистителни станици“, изјави за Дијче веле Дејан Паноски од одделението за Дримскиот басен при Министерството за животна средина во Охрид.

Потегот Градиште – Св. Наум засебно ќе се заштитува

Директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска вели дека на Јапонците им била претставена физибилити студија за потегот од Градиште до Свети Наум, за довршување на колекторскиот ситем со 5 алтернативни решенија, документ изработен со средства од националниот буџет.
„Студијата е дело на македонски компании по европски стандарди. На Јапонците им кажав доколку се одлучат да инвестираат тогаш оваа студија да ја земат во предвид за да не се дуплираат исти активности бидејќи овој матријал е актуелен. На почетокот на годинава студијата беше презентирана како финална верзија пред членовите на советот на Југозападниот плански регион. Најоптималното решение според експертите или економски најисплатлива варијанта за изградбата на тој дел би изнасувала 2 милиони евра“, вели Лозаноска.

Колекторот-скапа инвестиција и буре без дно

Преставниците на јапонската мисија извештајот ќе го поднесат до Министерството за животна средина и Министерството за финансии на Македонија по што следува финалниот извештај со предлог проекти и зафати кои треба да се изведат.

Реално е да се очекува дека ќе се утврдат приоритетите и согласно тоа покрај јапонската влада ќе се бараат и други финансиски донатори за изведба на приоритетите. Првичните проценки говорат дека за вкупната заштита на Езерото ќе требаат околу 30 милиони евра. Нив Македонија ни оддалеку ги нема, а ова се чини последниот обид на овие генерации еколошки да го заштитат Езерото.