1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Состојбата на Ромите во Македонија е најдобра на целиот Балкан“

Норберт Мапес-Нидек на форумот посветен на Ромите во Бундестагот ја пофали Македонија. Според него, предрасудите кон Ромите се најмалку агресивни од државите во ЈИЕ, но притисокот од ЕУ е контрапродуктивен!

„Во Македонија постои позитивна дискриминација кон Ромите, што значи дека државата преку одредени квоти и етнички клуч, се обидува и нив да ги вклучи во нормалното живеење. Така, во најмала рака од политички аспект гледано,  Македонија е најдобра на целиот Балкан. Освен историјата и претпазливиот однос кон Ромите на поранешниот претседател Киро Глигоров, во Македонија постои традиција уште од турските времиња луѓето од различни етникуми да живеат во различни маала, населби што значи да немаат премногу контакти, но и покрај тоа да имаат почитување и соживот. На пример, и сега градоначалниците на Скопје, колку што знам, честопати одат за 7 април или за Ѓурѓовден во Шуто Оризари, ги поздравуваат лидерите на Ромите и на народот му го честитаат  празникот, што не се случува ниту во Чешка, ниту во 

Norbert Mappes - Niediek Journalist und Buchautor

Норберт Мапес-Нидек

Словачка, кои имаат централноевропска традиција“, изјави Норберт Мапес-Нидек, автор на книгата „Сиромашни Роми, лоши Цигани“, кој  говореше на форумот во Бундестагот посветен на  состојбата на Ромите во Европа и на Балканот.

Сиромашни и дискриминирани

Од 12 милиони Роми, 6 милиони живеат во земјите од ЕУ. Поради сиромаштијата, нивната социјална ситуација Западот главно ја квалификува како „катастрофална“. Ромите пак, се чувствуваат дискриминирани,  маргинализирани, поради што, особено последниве години, масовно мигрираат кон богатите земји од Унијата.

„Општо прифатено е дека Ромите се сиромашни и во потрага по подобар живот мигрираат кон Европа. Да нема забуна - во Македонија или Србија не се сиромашни само Ромите. Има и други сиромашни луѓе, па  дури и посиромашни, кои немаат пари да си купат билет за подобар живот“, подвлекува Мапес-Нидек кој се осврна и на општо прифатените клишеа и дилеми околу Ромите:  
сиромашни се зашто се дискриминирани или се дискриминирани зашто се сиромашни? Мрзеливи ли се, криминализирани и поглупави од останатите? Овие прашања најчесто се поставуваат зад затворена врата и малку кој ги слушнал на пример резултатите од испитувањето на јавното мислење според кои 20 до 30 отсто од Германците се против во нивното соседство да има семејства на Африканци и Турци, а  дури 60 отсто се определиле против соседите – Роми.

Притисокот постигнува контраефект

И Ромите во Македонија и Србија, но и нивните соседи, не се богати. Но, оние кои се упатуваат кон ЕУ се Ромите. Бројот на баратели на азил од овие две балкански држави по 2009 година е интензивиран иако нема политичка основа и да го добијат саканиот статус. Миграциите во прво време биле исклучиво да се презими, големите ромски семејства со возрасни и стари лица да ги искористат бенефициите во здравствениот систем, да се ќари социјална помош за децата и слично. Бројот на лажни азиланти, меѓутоа, го загрозува целокупниот безвизен режим кој земјите од регионот само неколку години го уживаат. Може ли Европа на миграциите на Ромите да одговори со враќање на визите?

Asylbewerber Dortmund

Притисокот врз земјите за сопирање на лажните азиланти - контрапродуктивен

„Слободата на движење меѓу Македонија и ЕУ ќе постои. Ние на Западот не сакаме миграција само на сиромашните, туку и на добро образованите Македонци. Не е фер и не може Европа вака да се однесува. Ако сакаме лекари и експерти, логиката е дека подеднакво мора да ги прифатиме и сиромашните луѓе. Ако се гледа што се случува со лекарите кои тука и во Велика Британија мигрираат од Романија, излегува дека ние во Германија сме за прифаќање на лекарите, но не и за нивните пациенти, сиромашните“, подвлекува за ДВ  Норберт Мапес-Нидек, осврнувајќи се уште еднаш на мерките кои се преземени во Македонија за сопирање на лажните азиланти:

„Македонија го направи првиот чекор, воведе нови параграфи во регулативата за да се спречи бранот лажни азиланти. Сметам дека Македонија  направи многу под притисок на Западот. Но овој притисок, според мене, е  контрапродуктивен зашто во земјата со ваквата строга регулатива, наместо да се подобрува - се влошува состојбата на Ромите. Мислам дека премногу лесно ги бараме решенијата – да се направи притисок врз земјата. А Македонија, ако погледнете,  воопшто не е лош пример кога станува збор за однесувањето кон Ромите. Напротив! Во политички смисол е добар пример и веројатно најдобар на Балканот. Но, сиромаштијата на Ромите преку политичките мерки нема да се надмине“, коментира за ДВ Норберт Мапес-Нидек.