1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Состанок на Контакт групата за Косово

Членовите на Контакт групата за Косово синоќа во Вашингтон почнаа да ги разгледуваат натамошните чекори на меѓународната заедница во пресрет на почетокот на преговорите за статусот на покраината.

Од поранешните состаноци на Контакт групата за Косово

Од поранешните состаноци на Контакт групата за Косово

До овие моменти не е објавено што се договориле претставниците на седумте влијателни земји, бидејќи состанокот се одвиваше зад затворени врати и без предвидени изјави за медиумите.

Разговорите околу идниот косовски статус, како што јавуваат агенциите почнале уште на вечерата што специјално за колегите од Британија, Франција, Италија, Русија и Германија, во Вашингтон ја организирал домаќинот, американскиот потсекретар за политичлки прашања Николас Барнс. Тој ја прочитал пораката што вчера ја добил лично од косовскиот претседател, во која Ибрахим Ругова уверува дека политичарите и народот на Косово ќе работат во координација со меѓународната заедница, со цел покраината да прерасне во независна и суверена држава. Ругова, исто така му пишал на Барнс дека новата косовска држава ќе ги почитува правата на сите граѓани, вклучително и малцинствата, ќе се бори со организираниот криминал и тероризам и ќе обезбеди добри односи со сите држави во регионот, вклучивајќи ја и Србија.

На состанокот, што го предводи Германецот Михаил Шефер, се приклучил и новоименуваниот претставник на ОН околу преговорите за косовскиот статус, Финецот Марти Ахтисари. Советот за безбедност на Светската организација, вчера во Њујорк му даде зелено светло да посредува во преговорите меѓу Белград, Приштина и меѓународната заедница.

Како што на агенциите им потврдиле извори од Контакт групата, процесот на одредување на Косовскиот статус нема да почне со непосредни средби на заинтересираните страни, туку прво ќе има фаза на шатл дипломатија. Имено, Ахтисари ќе направи серија разговори во Приштина и Белград за да ги утврди позициите на двете страни, а дури потоа ќе следи втората фаза на непосредни преговори. Се планира и наѕначување на четворица негови заменици, од Нато, ЕУ, Русија и САД. Меѓу нив најверојатно ќе биде и американецот Џејмс Пердју, кој учествуваше во посредувањето околу конфликтот во Македонија од 2001та година.

Истовремено со синоќешното заседанието на Контакт групата во Вашингтон,највисоките државни функционери од Белград и Подгорица на специјален состанок се договорија дека во претстојниот преговарачки процес за Косово треба да се бара компромис, и оти не смее да има наметнати решенија. Учесниците на состанокот ги поддржале принципите што српскиот премиер Воислав Коштиуница ги изнесе на неодамнешната седница на СБ на ОН посветена на Косово. За Коштуница, кој вчера изјави и дека Србија нема лесно да го даде Косово, тие принципи почиваат на почитувањето на начелата на меѓународното право и почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на демократските држави.