1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Соседните земји се’ повеќе страдат поради конфликтот во Сирија

Војната во Сирија има се’ поголеми последици и за соседните држави. Синоќа на полноќ и официјално заврши мисијата на меѓународните набљудувачи во Сирија.

Државите од соседството на Сирија се посилно ги чувствуваат последиците од крвавиот конфликт меѓу силите на сирискиот претседател Башар ал Асад и бунтовниците. Јордан се жали дека на негова територија паднале сириски ракети. Јорданскиот министер за информации Самех Мајтах соопшти дека четири сириски ракети паднале во погранично село во Северен Јордан. Од шрапнелите полесно е повредено едно четиригодишно девојче.

Друг владин претставник изнесе претпоставка дека ракетите требале да ги погодат сириските села, каде контролата е во рацете на бунтовниците, но дека не ја погодиле целта. Јорданската Влада изрази силен протест пред сирискиот амбасадор во Аман.

Турција од друга страна, поради големиот бран бегалци, побара воведување на заштитна зона на границата со Сирија. Турција, која има прифатено повеќе од 70 илјади бегалци од Сирија, соопшти дека започнала да испраќа хуманитарна помош и за бегалците кои се наоѓаат на територијата на соседната држава. Со оглед дека бројот на бегалци во пограничниот регион постојано расте, Турција бара воспоставување на заштитна зона на самата територија на Сирија во која меѓународната заедница би пружала помош и би им обезбедила сместување на бегалците. Владата во Анкара наведува дека не е во состојба да прифати повеќе од 100 илјади бегалци.

Во Сирија, пак, и денеска продолжуваат борбите меѓу бунтовниците и сириската армија во провинцијата Дара, која се наоѓа на границата со Јордан. Активисти на опозицијата пренесуваат дека само денес таму загинале 14 бунтовници. За време на вчерашниот ден имало повеќе од 130 загинати во Сирија, од кои 83 биле цивили.

Од друга страна, мисијата на меѓународните набљудувачи во Сирија и формално заврши синоќа на полноќ, откако во Советот за безбедност на ОН не беше постигнат договор за нејзино продолжување. Околу 300 набљудувачи ќе заминат од Сирија, откако во изминатите четири месеци не успеаја да влијаат за намалување на насилството во земјата. Новиот специјален пратеник на ОН за Сирија Лахдар Брахими изјави дека веќе се соочува со потешкотии на функцијата и најави дека прва задача ќе му биде да ги надмине поделбите во Советот за безбедност на ОН.