1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сопственоста во лабава коалиција со сопствениците

Македонските судови се полни со тужби за градежни активности на земјишта за кои се уште се води постапка за денационализација, а многу граѓани се уште чекаат нивниот имот да биде „снимен“ од Катастарот

Неколку сопственици на приватно земјиште добиено со Законот за денационализација, во последен миг ја спречија можноста на нивниот имот во центарот на Скопје да никне хотел во сопственост на фирма, купувач на земјиштето на јавен тендер. Можеби и никогаш немаше да дознаат дека земјиштето им е огласено на тендер во пакет со државно, ако во јавноста не се проблематизираше екстремно ниската цена по која тоа беше продадено – по 71 денар за квадратен метар. Алармот се вклучил дури кога тие на тв- екраните ги виделе своите локации на „атрактивниот државен плац“, па веднаш реагирале кај надлежните служби. Продажбата е поништена, а недовербата во сигурноста на приватниот имот порасна неколку пати повисоко од планираниот хотел.

Пиши-бриши

Неколку дена претходно, постапката воопшто не беше доведена во прашање. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, бараше поништување на „незаконската продажба“, а министерот за транспорт, Миле Јанакиески, го покани да направи увид во документацијата за да се увери дека се е во согласност со законот. Следниот ден случајот доби друг тек, откако беше утврдена грешка во катастарските податоци. Иако јавноста се посомнева дека тоа образложение е параван за да се симне одговорноста од извршната власт, од Агенцијата за катастар на недвижности тврдат дека пропустот се случил кај нив: „Агенцијата за катастар на недвижности по извршената внатрешна контрола утврди одредени пропусти во постапувањето во однос на внесот во аналогните катастарски планови и издавањето на податоците кон Министерството за транспорт и врски, па согласно со Законот за државни службеници и Кривичниот законик покренати се постапки против петмина вработени“.

Со тоа, Катастарот му отвори пат на министерот за разврска на случајот.

„Според Законот за градежно земјиште, може да се поништи објавата, средствата ќе бидат вратени, а нема простор за плаќање штети од страна на државата бидејќи немаме склучено договор со купувачот“, објасни Јанакиески.
Како тоа еден ден не може, а следниот може да се поништи лицитација, праша Жерновски и побара оставка од министерот.

„Само еден ден претходно, министерот праша дали сум свесен дека ако се поништи лицитацијата, државата ќе плаќа казна и праша врз основа на кој член од законот барам поништување. Сега јас го прашувам, врз основа на кој член ја

Andrej Zernovski

Андреј Жерновски

поништи лицитацијата и кој сега ќе ја плаќа казната“, праша Жерновски.

Загрозена сопственоста

Кога правната сигурност на приватната сопственост на ваков начин е доведена во прашање, граѓаните со загриженост го поставуваат прашањето: Ако некои нестручно работат во Агенцијата за катастар, ако се случува имоти да не се впишуваат во катастарскиот план и ако граѓаните не стигнат да ги „проверат“ сите тендери за продажба на „државно замјиште“, значи ли тоа дека не треба да се изненадат ако еден ден останат без својот имот? Професорите од Правниот факултет, како никогаш досега бегаат од одговор на ваквите прашања. Формалните образложенија се различни, но неофицијалните идентични - „непријатно им е да заборуваат, бидејќи ваквите случаи се резултат на низа лоши законски решенија, кои имаат авторски потпис токму на нивни колеги“. Според правни експерти кои ја следат оваа сфера, овој случај и не е единствен, а укажува на фактот дека надлежните органи не се грижат за заштита на правото на сопственост, кое e загарантирано право со Устав.

„Ова право директно се повредува преку распишување конкурси за продажба на градежно неизградено земјиште, како што е во овој случај, со промена на тендерската документација што е спротивно на Законот за јавни набавки и со продавање по екстра-ниска цена, што е спротивно на сите економски принципи. Ова е класична повреда на Законот за јавни набавки и на Законот за отуѓување на градежно неизградено земјиште. Од друга страна, со последните измени на Законот за експропријација директно е загрозена приватната сопственост. Може од приватна сопственост на акционерско друштво за топлификација или за гасификација да му се одземе инсталацијата и да се додели на друг јавен или приватен оператор без притоа да се спроведе постапка за нејзино одземање од страна на приватниот сопственик (АД, компанија или сл.). Ова е класичен пример кога со помош на државните органи се врши трансформација од приватна сопственост во приватна сопственост, без да се води сметка дека по правило експропријацијата се врши во јавен интерес и сопственоста се подржавува, поминува од приватна во јавна заради точно определени причини во Законот, од јавен интерес“, објаснува правен експерт.

Човечкиот фактор

Kатастарот на недвижности е јавна книга во која со запишувањето на недвижности граѓаните се стекнуваат со правото на сопственост. Од оваа институција, која досега беше посочувана како пример за успешни реформи и наградена од Светска банка, уверуваат дека во ниту еден момент не е нарушено правото на сопственост на парцелите кои им се вратени на сопствениците со денационализација и дека нивните имотни листови до денес не се променети. Притоа, потенцираат дека во изминатите неколку години се спроведени низа клучни реформи во насока на заштита на сопственоста.

„Агенцијата воспостави катастар на недвижности и електронски катастар на целата територија на РМ, електронски шалтер за професионалните корисници - нотари, геодети, општини, а во полн ек е и спроведувањето на дигитализација на катастарските парцели, подземен катастар и масовна проценка, кои ќе доведат до поголема ефикасност и сигурност во работата на Катастарот. Посочените

Mazedonien - Land und Leute

Повеќе спорни продажби на земјиште во Скопје

пропусти се пропусти на поединци, а не на сите вработени во Агенцијата и тие нема да го забават развојот на катастарот. Запишаните права на сопственост на недвижностите им се загарантирани на граѓаните, а со реформите кои се спроведуваат, Агенцијата работи човечкиот фактор да има се помалку влијание, а со тоа и можност од грешки“, велат од Катастарот.

Но, човечкиот фактор не треба да биде синоним за грешки, туку за подобрување на процесот на работа, бидејќи реформите ги спроведуваат луѓе, а не компјутери, велат поранешни вработени во оваа институција.

„Во оваа сфера еден и еден мора да бидат два. Почетник геодет кој ќе излезе на терен веднаш ќе види дека не се совпаѓаат податоците. Ако пак ја немало целата документација, тогаш немало основа да се преземаат какви било активности, пред таа да се најде, провери и комплетира“, велат тие.

Според Јанакиески, ова е прв случај во кој е постапено врз основа на добиени неточни податоци, иако досега биле оттуѓени повеќе од 1.000 локации. Но, од друга страна, судовите се преполни со тужби за градежни или други активности на земјишта за кои се уште се води постапка за денационализација. Не е мала и бројката на граѓани кои се уште водат битка да бидат „снимени“ од Катастарот. Таков е случајот со жителите од дваесетина села во општина Чашка, кои деновиве реагираа поради проблем со сопственоста на имотот. Од Агенцијата за катастар на недвижности најавуваат почеток на решавање на овој проблем од следниот месец. Ќе имаат обемна работа, бидејќи земјиштето за кое овие жители имаат поседовен лист е изгубено во премерот на Катастарот, па дел станало државна сопственост, а на други им бил продаден. Најмногу проблеми има во селата Нежилово, Папрадиште, Ореше, Теово, Согле и Бистрица. Се жалат дека до нив не стигнала покана за премер на земјиштето, ниту можеле да слушнат кога е закажано авионско снимање, бидејќи немаат телевизиски сигнал. По овој и други алармантни случаи, се очекува барем сигналот од граѓаните да стигне до Катастарот и другите надлежните служби.

Катерина Блажевска

Поврзана содржина