1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Сопругата како сведок во процесот против екс-претседателот Вулф

Во судскиот процес кој се води против поранешниот германски претседател Кристијан Вулф околу обвинувањата за корупција, денеска (12.12) сведочеше неговата (се‘ уште) сопруга Бетина Вулф.

Бетина Вулф го напушти Кристијан Вулф, но со своите изјави денеска му даде поддршка. Четириесетгодишната поранешна прва дама во судот во Хановер раскажуваше за контроверзната посета на брачниот пар на Октоберфест во 2008 година во Минхен. Кристијан Вулф (во тоа време премиер на покраината Долна Саксонија, н.з.) е обвинет дека ја злоупотребил службената положба поради тоа што во замена за покривање на дел од своите трошоци на Октоберфест од страна на филмскиот менџаер Давид Гроневалд, се заложил кај концернот Сименс за финансиска поддршка на негов филмски проект. Вулф тврди дека за тоа оти Гроневалд платил 700 евра од трошоците за хотел, чување на детето и оброци, дознал дури минатата гoдина во ова време.

Некогашната прва дама денеска во судот беше категорична и тврдеше дека на заедничката вечера во Минхен 2008-ма, или на средбата со Гроневалд, нејзиниот сопруг сакал да ги подели трошоците или да плаќаат наизменично. На потпрашање Бетина Вулф додаде дека сопругот постојано имал кај себе повисоки парични износи во кеш, поради тоа што има „природна аверзија кон кредитни картички“. Тој воопшто нема паричник, тврди Бетина Вулф, додавајќи дека парите му се секогаш в џеб. Освен тоа, Бетина тврди и дека Кристијан Вулф „речиси никогаш не пие“. Околу пријателството со Гроневалд, таа изјави: „Тој припаѓаше кон најтесниот круг пријатели“.

Christian und Bettina Wulff Landgericht 12.12.2013

Бетина и Кристијан Вулф денеска во судот

Сведочењето на Бетина Вулф заврши за еден час. Обвинителот Клеменс Ајмтербојмер имаше само едно прашање за нејзе, односно сакаше да дознае детали за трошоците за чување на нивниот тогаш четиримесечен син Линус.

Бетина Вулф се раздели од екс претседателот на почетокот на годинава, но на прашањето на судијата претседавач дали го мрази Кристијан Вулф, одговори: „За такво нешто не може да стане збор.“ Таа додаде дека има редовни контакти со него и „пријателски однос“.

Судот на 19 декември ќе направи меѓубиланс на процесот. Во моментов е отворено дали процесот ќе се забрза, доколку судот се откаже од дел од сведоците или дали можеби процесот ќе биде запрен. Кристијан Вулф поднесе оставка на 17 февруари 2012 година, еден ден откако обвинителството во Хановер отвори формално истражна постапка поради сомневања за корупција.