1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сопка за пописот во Македонија?

Една третина од составот на Државната пописна комисија ја напушти нејзината работа поради оперативната одлука - како и од кого да биде составен попишувачкиот тандем што ќе ги регистрира податоците во домаќинствaта.

default

Проблеми пред стартот на пописот

Шестмината преставници на албанската, но и двајцата од турската заедница, не се согласуваат во мешаните етнички заедници, во секој тандем за евидентирање на населението обврзително да има Македонец, а во зависност од националниот состав, вториот попишувач да биде од мнозинското население во мешаните средини.

Тимовите мора да бидат комбинирани, но не по секоја цена Македонец да биде „тутор“, во кој власта ќе има доверба, а кон сите други недоверба, особено дека Албанците попишувачи, може да ги фалсификуваат внесените податоци, ни изјави униврзитетскиот професор Абдулменаф Беџети. Тој е потпретседател на Државната пописна комисија и за ДВ вели: „Националниот состав на попишувачите да го изразува националниот состав на населението во секој од пописните региони. Екипите за терен треба да бидат комбинирани-Албанец и Ром, Турчин и Македонец, Албанец и Македонец, но не по секоја цена еден Македонец обврзително и вториот од било која националност. На тоа инсистираа членовите на Пописната комисија-Македонци и не‘ надгласаа. Тоа е како од времето пред една деценија и тогашната меѓуетничка недоверба“, ни изјави Беџети.

Mazedonien Land und Leute Mutter mit Kind in Skopje

Бојкотот ќе трае до промена на одлуката

Денеска ќе биде распишан оглас за избор на попишувачите. Тие, по двонеделни обуки, од 1-15 април, во 44 пописни региони, треба да го започнат пописот и да евидентираат околу 600 илјади семејства и живеалишта. Секој од полнолетните членови е должен да даде писмени одговори на неколку десетина прашања, вклучувајки ги и религиската и национална припадност, имотната состојба, образованието...

Професорот и екс-министер за развој во владата од средината на деведесеттите, Абдулменаф Беџети, тврди дека бојкотот на албанските и турските преставници во ДПК ќе трае се‘ додека не се измени одлуката за составот на пописните комисии кои ќе одат на терен.

„Ќе се вратиме само ако се анулира одлуката со која не‘ надгласаа. Во спротивност нема да има попис без Албанците и Турците или една третина од населението“, вели професорот Беџети, потпредседател на ДПК.

Незадоволни и претставниците на Турците, но се надеваат на решение

Незадоволство искажале и турските претставници во Централната пописна комисија, вели за ДВ Кенен Хасипи, лидер на владејачката Демократска партија на Турците.

„Голем број од турското населени, на пример 12 илјади во Гостивар, Кичево, Охрид, би останале без попишувачи на нивниот мајчин јазик, ако остане одлуката во тие региони пописните евидентичари да бидат пар од Македонец и Албанец како доминантна етничка заедница во тие градови“.

Skopje,Ulica Makedonija

Хасипи, кој припаѓа на владината коалиција сепак верува дека спорот ќе се надмине и пописот ќе се изведе напролет.

Во писмената реакција за блокирањето на Пописната комисија , која инаку за пописот го има слоганот „Попиши се, тоа е за иднината твоја и моја“, нејзиниот претседател д-р. Весна Јаневска не говори за бојкотот. Во изјава за јавноста таа кажа:

„Досегашните одлуки се донесувани со конзенсус и високо разбирање, а мислам дека може и за овој спор да се најде решение“.

Весна Јаневска инаку е универзитетски професор и екс лидер на ВМРО-НП, по струка е лекар. Државната пописна комисија е тело составено од 25 члена, најбројно досега, избрано е од Собранието и ја има улогата на организатор, но и своевиден политички ментор на најголемата статистичка операција. Во писмената реакција по блокирањето на работата на Државната пописна комисија се потврдува дека ќе се попишуваат само државјани на Македонија кои не се подолго од 12 месеци надвор од земјата. Спротивното од ова, попис и на целокупната емиграција бара опозициската Нова демократија на Имер Селмани , која по бојкотот на Парламентот враќањето го условува со одложување на пописот за в лето.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM