1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Сончева миса за 80-тиот роденден на Папата

Папата Бенедикт 16-ти се одзва на многубројните молби на верниците и прифати официјално да го прослави округлиот 80-ти роденден.

Папата Бенедикт 16-ти отпоздравува

Папата Бенедикт 16-ти отпоздравува

Во Ватикан имено државен празник е по традиција денот на именувањето на актуелниот Папа. Така денеска Бенедикт 16-ти одржа посебна миса на отворено, со која започнаа свеченостите за неговиот јубилеј.

Како што и му доликува на наследникот на Петровата столица, времето им оди денеска од рака на десетиците илјади верници, кои дојдоа да го доживеат Папата на плоштадот на Свети Петар во Рим.

Сончево и топло беше денеска на плоштадот во Ватикан спроти почетокот и за време на свечената миса посветена на роденденот на Папата Бенедикт 16-ти. Во процесијата на почетокот се најдоа бројни кардинали и бискупи од сите страни на светот. Поздравната реч ја одржа поранешниот државен секретар на Ватикан, Ангело Содано:

„За време на неодамнешните прослави на Велигден пеевме со зборовите на псалмот: ова е ден што го создал Господ, да му се радуваме и да го славиме со Него! Денеска се собираме околу олтарот на Бога за да му заблагодариме за подароците што Ви ги подарил Вам за време на животот и посебно за тоа што Ве прати Вас како подарок за нас пред две години, за да ни бидете сигурен водич на патот.„

Папата со рацете отпоздравуваше и се заблагодаруваше во повеќе наврати за аплаузот на масата верници на плоштадот на Свети Петар. Тие беа дојдени од секаде и носеа со себе знамиња на своите татковини. Овој пат имаше и посебно голема делегација од Германија, на чело со премиерот на покраинската влада за Баварија, Едмунд Штојбер, како и надбискупот за Минхен кардиналот Фридрих Ветер. Бенедикт 16-ти е имено роден во едно мало гратче во Баварија.

Сите со нетрпение ја очекуваа проповедта на Папата, во која тој им се заблагодари на сите припадници на клерот и на гостите. Посебна благодарност Бенедикт 16-ти му искажа на претставникот на Православната Црква, за потоа да продолжи:

„Му благодарам на Бога што можев да доживеам што значи семејство, што значи да имаш добар татко, така што зборот Господ од внатре ми беше јасен преку човечкото искуство на добар татко. Му благодарам исто така на Бога што можев да доживеам што значи мајчинска добрина, која му е постојано отворена на секого кој бара прибежиште. Му благодарам на Бога и за сестра ми и брат ми, кои постојано ме поддржуваа на мојот пат.„

Вакво големо и јавно прославување на роденденот на Папата е малку невообичаено за Ватикан. Всушност државен празник е денот на доаѓањето на Петровата столица. Но, овој пат не можеше да биде поинаку, појасни личниот секретар на Папата Георг Генсвајн.

„Многу, многу луѓе, исто така и лица со високи функции, како и многу организации, вклучувајќи и голем број бискупи го замолија Папата да не дозволи неговиот 80-ти роденден да остане неодбележан. Светиот Отец ја прифати молбата и отвори можност да му се честита„ – објасни Георг Генсвајн, личниот секретар на Поглаварот на Католичката црква.