1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сонот на Саркози станува реалност

44 држави со 780 милиони жители од три континенти околу Средоземното море на вонреден самит во Париз поставија нова основа за соработка. Новата Средоземноморска Унија е проект на францускиот претседател Саркози.

default

Саркози е задоволен

Со новосонованата Унија за Средоземјето треба да ја прошири соработката на ЕУ со државите од Медитеранот, втемелена во 1995-та година со таканаречениот Процес од Барселона.

„За мене тоа беше еден многу трогателен, многу важен момент. Сонувавме за оваа Средоземноморска Унија и таа сега стана реалност“, изјави францускиот претседател Никола Саркози. Тој успеа да ги донесе на заедничка маса шефовите на држави или влади на 27-те држави на ЕУ и 17 земји од Северна Африка, Блискиот исток и југоисточна Европа.

Форум за мир и стабилност

Иејата на Саркози е да создаде форум за повеќе мир и стабилност во медитеранскиот простор според примерот на државите на ЕУ, кои по војни некогаш долги и со векови, се здружија во мирољубив соживот под покривот на ЕУ.

„Она во што успеавме ние Европејците, можат да го направат и народите на медитеранските земји; денес се собравме овде оти сите сме уверени дека европскиот сон и сонот на средоземноморските земји се неодвоиви“, рече Саркози. Претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо истакна:

„Медитеранскиот регион има делумно многу проблематично значење за иднината на Европа. Но, може да донесе и предност, ако мостовите што денеска ги градиме, не се уништуваат со нестабилност или рамнодушност. Врз основа на денешниот договор ќе можеме да сметаме на политичката волја на сите учесници за заеднички да напредуваме и заеднички да ги решиме конфликтите во регионот“.

Планирани се заеднички проекти

На листата заеднички проекти има планови за прочистување на Средоземното море, воспоставување нова патна врска низ северна Африка, засилено користење на сончевата енергија. Но, се уште е нејасно со кои пари ќе се реализираат. Во ЕУ за соработката во рамките на Процесот од Барселона има уште околу 13 милијарди евра за до 2013-та година, но за што конкретно ќе бидат потрошени допрва треба да се постигне согласност. Во секој случај, треба да бидат посилно привлечени и приватни инвеститори.

Самит на врвот на секои две години

Со новата Унија за Медитеранот рамноправно ќе раководат по еден претставник на земјите од северот и од југот - за почеток Франција и Египет. На секои две години треба да се држи самит на сите 44 држави од новата унија. Никола Саркози првично сакаше да создаде сојуз во кој нема да бидат застапени земјите на ЕУ кои немаат излез на Средоземното море, а да партиципираат во трошоците.

Frankreich Mittelmeer-Gipfel Merkel Sarkozy

Меркел и Саркози на крајот се договорија

Сметките му ги расипа германскиот канцелар Ангела Меркел, која исто така е задоволна од резултатот на овој самит:

„Конференцијава е многу добар старт за ново ниво на соработка. Процесот од Барселона добива сосем нова динамика“. Никола Саркози очекува од новата Унија и нови импусли за блискоисточниот мировен процес и сака во својство на претседавач со Советот сака ЕУ посилно да ја воведе како политички актер на Блискиот исток. Првите успеси дојдоа уште во предиграта на средбата: Сирија и Либан најавија дека за прв пат по 40 години ќе воспостават дипломатски односи. По билатералните разговори со претседателот на Палестинците Махмуд Абас, израелскиот премиер Ехуд Олмерт изјави дека неговата земја никогаш не била поблиску до мировен договор со Палестинците. На конференцијата не учествуваше само либискиот претседател Моамер ел Гадафи, кој страхува новата Унија да не предизвика расцеп во арапскиот свет.




DW.COM