1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Сонот на Албанците“

„Kога албанското малцинство во Србија, Македонија и Црна Гора го слави Денот на албанското знаме, Србите, Македонците, Црногорците и Грците чкртаат со забите, сметајќи ја прославата за зла национална демонстрација сила“.

Националниот празник на Албанија е симбол на националното единство за околу шест милиони Албанци распрснати низ соседните држави, пишува германскиот весник „Тагесцајтунг“, навраќајќи се на историјата на празникот, од 28. ноември 1443 кога првпат се веело албанското знаме, преку 1878 година и создавањето на Призренската лига, па до 1912. година и Националниот конгрес во Валона и прогласувањето албанска независност...

„...И оваа година Албанците демонстрираа за што им бие срцето: не за државите во кои живеат и чие државјанство го поседуваат, туку заеднички живот на албанскиот народ на Балканот без граници. Пораката беше недвосмислена. Албанскиот премиер Сали Бериша на празникот вети: ’Сите Албанци, кои сакаат албанско државјанство, ќе го добијат, без оглед каде живеат’“, пишува весникот и продолжува:

„Владата во Тирана ќе подготви соодветен закон...Мотото официјално гласи: ’Сите обединети во прегратките на Европа’. Албанците од ’Превеза до Прешево, од Скопје до Подгорица’, на кои Бериша им се обрати, ликуваа. Во Скопје, Атина и Белград ова се сфати како закана“, пишува „Тагесцајтунг“.

„Албанскиот премиер Бериша, косовскиот Хашим Тачи и претставниците на Албанците во Македонија истакнуваат дека целосното обединување на Албанците треба да биде во ’границите на ЕУ’. Додека во Македонија и Србија се стравува од озлогласената ’Голема Албанија’, ’етнички неутралниот’ хрватски политиколог Жарко Пуховски смета дека ’Голема Албанија’ всушност е српска пропаганда. Зашто, Албанија денес е на прагот на европскиот интегративен процес, па големоалбанскиот проект не е реалистичен. Од Брисел и од Вашингтон лаконски се одговара дека промената на границите на Балканот не доаѓа предвид. Ова Европа го исклучи уште во 1991 година, поради граѓанската војна во екс Југославија“, се наведува во текстот, во кој уште се вели:

Довидување во Европа?

„Но, што ќе се случи ако ’прегратката на Европа’ не може веќе да се проширува? Дали Албанците во најсиромашниот дел од Европа ќе се откажат од проектот за национално обединување во рамките на ЕУ, ако излезе дека нема ништо од интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ? Да се смета на мирно обединување на Албанците би значело да се смета на проширување на ЕУ во догледно време. Да се одржи надежта за прием во ЕУ, гласи волшебната формула на ЕУ во однос на државите од Балканот. Само нејзината се‘ уште магична привлечност ги принудува политичките елити на компромиси. Но, наскоро тоа нема да биде доволно. Брисел сака ред и мир на Балканот. Косово сака да потпише договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ, Србија и Македонија стремат кон почеток на преговорите за прием, Албанија се надева на статус - земја кандидат.“

Трка со времето

„Тагесцајтунг“ на оваа тема уште додава:

„Процесот на помирување на Балканот е трка против времето. Раните од војната не заздравуваат поради силниот и постојан притисок на социјалната и економска мизерија, за соочување и расчистување со минатото не може да стане збор, ЕУ губи на веродостојност, со што постепено гасне и надежта за подобар живот. Невработеноста во државите на Балканот во кои живеат Албанците, во меѓувреме изнесува меѓу 30 и 50 проценти, со негативен тренд. Албанците се најмладата популација во Европа, а младите луѓе се склони кон нестрпливост. На сите страни демнат екстремистички групи. Нивната шанса е во се‘ поголемата беда. Колку е поголема бедата, толу е посилна магичноста на незаборавените слики на непријателите.

Со распадот на поранешна Југославија, Србите, исто како и Албанците, се најдоа наеднаш распрснати во многу држави. Големосрпскиот проект гласеше - сите Срби во една држава. Така почна војната за територии и национален суверенитет. На крајот, Србија се најде во 1990. година во војна против НАТО. Резултатот на идејата: Хрватска без Срби, (речиси) етнички исчистено од Србите Косово, кое се оддели од Белград и како утеха на српските националисти, една српска управна единица во Босна со елементи на самостојна држава. Оптимистите би рекле: довидување во Европа. Но, може да се каже и поинаку: порано во Југославија веќе се живееше без граници, пред мртвите и прогонетите на сите страни да го продлабочат јазот.“

Германскиот весник „Ди Велт“ пак, пишува за конфликтот меѓу католичката црква во Хрватска и тамошната влада поради новововеденото сексуално воспитување во училиштата, пренесувајќи и дел од ставовите на тамошните медиуми:

„Најголемиот проблем е во тоа што католичката црква доцни ’зад реалниот живот’“ , констатира на пример „Јутарњи лист“. „Слободна Далмација“ пак, заклучува: Девојчињата денес веќе на 11 години добиваат менструација, мастурбираат и се милуваат на кауч со учениците од училиштето, а Земјата и натаму се врти околу Сонцето. Хрватските бискупи не сакаат да живеат во таква реалност. Но, вистинскиот живот одамна е влезен во сите пори на нашиот живот“, пренесува „Ди Велт“ во текстот со наслов „Црквата се плаши од сексуално воспитување“.