1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сонот за подобар живот се претвора во кошмар

Завршува неделата на борба против трговија со луѓе. Во Македонија бројот на жртви е во пораст. Со лажни ветувања се регрутираат млади девојки за сексуална експлоатација.

default

Секоја приказна на жртвите на трговија со луѓе е различна, но најчесто е базирана на ветување за подобар живот. Трговците-криминалци за да регрутираат млади девојки за сексуална злоупотреба нудат љубов и брак или блескави кариери, повисоко образование, спас од сиромаштијата. Ова е најраспространетата форма на трговија со луѓе и во Македонија.

Лајла и Марија зборуваат за нивниот хорор

Неколку девојки, поранешни жртви, кои деновиве учествуваа на работилница во Скопје посветена на борбата против трговија со луѓе собраа сила и храброст да зборуваат за најтешкиот период од својот живот. Лајла од Уганда и Марија од Русија денес се ресоцијализирани и интегрирани во Холандија. Пред

Frauenhandel in Russland

микрофонот на Дојче Веле откриваат како биле излажани и принудени на сексуална злоупотреба во ноќни клубови во Западна Европа. Лајла била излажана со сон за подобар живот, вработување на аеродром:

„Тој го финансираше моето образование, но подоцна го смени планот, бидејќи сфати дека ќе заработува повеќе пари ако тргува со мене. На аеродром, пред моите очи зеде пари од друг непознат човек кој ме качи во камион полн со други жени кои не ги познавам. Така започна мојот хорор“, раскажува Лајла од Уганда.

Марија од Русија се пријавила во Агенција која нудела работа за бебиситерки во Германија. Таму ја пречакале Руси кои и‘ рекле дека ќе работи во клуб од кој таа побегнала по неколку месеци со клиент кој и‘ ветил нормална работа во Холандија. Но и тоа било лага, така што Марија, откако била неколку пати препродавана, завршила во бордел во Амстердам.

„Еден клиент од Авганистан кој зборуваше руски ми помогна да избегам од мојот макро Албанец од Амстердам“, раскажува Марија.

Во Македонија жртви малолетни девојчиња

Во Македонија бројот на жртви на трговија со луѓе е во пораст. Само во 2011 година единаесет лица, сите малолетни, биле принудени на сексуална злоупотреба или биле жртви на експлоатација на труд. Маја Варошлија од невладината Отворена Порта, Ла страда Македонија, за Дојче Веле објаснува:

„Најчесто, во случаите на жртви на трговија со луѓе-македонски државјанки станува збор за измама. Трговците најчесто ветуваат добро платена работа во ресторан или кафе бар. Приказната се менува кога тие ќе стасаат во објектот, каде освен тоа што работат како келнерки мораат да даваат сексуални услуги. Во Македонија се соочуваме со уште еден феномен - млади девојчиња од 14, 15 години се излажани од млади момчиња кои ќе направат се‘ тие да ја добијат нивната доверба. Девојчињата се вљубуваат и потоа во име на таа љубов се сексуално експлоатирани.“

Според податоците од Министерствто за внатрешни работи, во 2010 година 71 процент од идентификуваните жртви се тргувани, со цел - сексуална експлоатација, а 29 проценти биле трудово експлоатирани.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска