1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СОНК обвинува за притисоци, штрајкот продолжува

Синдикатот за образование, наука и култура, ја обвини владата дека вршела притисоци за прекин на штрајкот во овој сектор. Според нив тој се одвива успешно во поголемиот број на училишта. Владата го тврди спротивното.

default

Кој ќе ги згрижи децата за време на штрајкот?

Само во 16 од вкупно 600 училишта во Македонија, денеска се одржала настава, соопштија од Самостојниот синдикат на образованието, науката и културата, кој прогласи генерален штрајк во овој сектор. Сидикалците ја обвинија владата дека со обидува да го запре штрајкот со притисоци. Претседателот на СОНК, Дојчин Цветановски изјави дека најголем број од училиштата во кои немало штрајк се во општините Ѓорче Петров, помал дел во Карпош и Гази Баба и уште во неколку други општини во земјата.

Цветановски предупреди дека притисоците претставуваат кршење на правото за слободно организирање и активности, вклучувајќи го и уставно загарантираното право на штрајк. Министерството за образование претходно се огласи со различна оценка. Министерот за образование Перо Стојановски изјави дека наставата во најголемиот број училишта се одвивала без проблеми.

Збунетост кај родителите и образовните работници

Инаку повикот за почетокот на генералниот штрајк и владините предупредувања за казни за образовните установи кои ќе ја запрат наставата, предизвикаа збунетост кај дел од вработените и родителите. Во некои градинки, на пример, не добиле никакво известување за штрајкот. Децата се згрижуваат, но истовремено се чека на писмена информација за натамошните постапки. Образовниот процес е нарушен со тоа што голем дел од учениците денеска останаа дома. Оние пак кои се појавија во училиштата имале скратени часови.

Дел од родителите кои ги анкетираше Дојче Веле се поделени во реакциите. Некои од нив имаат разбирање за непопуларната мерка. Дел предупредуваат дека е одбран лош термин и дека тоа ќе се одрази врз образовниот процес на децата.

Владата бара трпение од синдикалците

Министерот Стојановски денеска изјави дека владата го прифаќа барањето за зголемување на надоместокот за храна и превоз, но со реализација од 1 јануари 2010 година. Просветарите бараат потпишување на колективните договори најдоцна до крајот на годинава и зголемување на надоместот за храна и превоз. Освен тоа, се бара и трансформација на договорите за работа на определено време во договори на неопределено време.

Mazedonien Regierung Sitzung

Владата во Скопје бара разбирање

Додека претседателот на СОНК тврди дека во Македoнија тешко се живее од професорска плата, владата аргументира дека платите во овој сектор се веќе зголемени. Вицепремиерот Зоран Ставревски бара трепение до следното покачување.

Во наредните денови, Владата и Синдикатот ќе се инаетат. Учениците ќе губат часови, а родителите ќе се снаоѓаат како да ги згрижат децата. На крај ќе се најде решение, кое нема да биде по мерак на ниту една од спротивставените страни. На владата ќе и' се отвори нова дупка во буџетот, а просветарите и натаму ќе бидат незадоволни од нивните плати. Од овие синдикално - владини несогласувања најмногу трпат учениците. Пропуштените часови ќе се надополнуваат во викенди, но ефектот нема да биде ист.