Сони не ги коментира извештаите за отпуштања | Економија | DW | 09.04.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Сони не ги коментира извештаите за отпуштања

Електронскиот гигант Сони, според јапонски медиуми, на крајот на годинава ќе почне со отпуштање на 10.000 вработени ширум светот. Концернот молчи и најавува прес-конференција за четврток (12.04).

Концернот Сони, кој се гуши во „црвени бројки“, ќе отпушти десет илјади вработени, пишува денеска (09.04) јапонскиот економски весник „Никеи“ во своето онлајн-издание. Притоа, половината од работните места што ќе згаснат се во делот на хемискиот и на ЛЦД-одделот на концернот. Седумте водечки менаџери на електронскиот гигант, пак, меѓу кои и Хауард Стрингер, кој до неодамна беше шеф на концернот, ќе се откажат од своите годишни бонуси.

Според „Никеи“, но и други весници во Јапонија, претпријатието во кварталот од октомври до декември 2011 година забележа загуба од 159 милијарди јени, или околу 1,6 милијарди евра, а големи нето-загуби се предвидуваат и за оваа година. Тоа би била четврта година по ред во која Сони бележи загуби. Портпаролот на Сони, Јоко Јасукучи, засега не дава потврда на ваквите информации. Новиот шеф на управниот одбор на претпријатието, Казуо Хираи за четврток (12.04) најави прес-конференција.