1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Соништата на добрите луѓе за заемен живот

Во рамки на одбележувањето на 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба, денеска во Парламентот ќе бидат доделени и државните награди „23 октомври“ за 2013 година. Дел од добитниците зборуваат за ДВ.

Највисоките признанија за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста им се доделуваат на оперската певица Ана Дурловски, ликовниот уметник Ставре Димитров и на книжевните творци Џабир Амети и Михаил Ренџов.

Дојче веле по овој повод разговараше со Ахмети и Ренџов во врска со тоа каква е улогата на етничките литератури и поети и прозаисти во градењето на интеретничката комуникација во македонското мултикултурно општество, но и како да се надминат етничката изолација и новите појави на меѓуетничката нетолеранција и етничка дистанца во земјата. Овие двајца дејци се овенчани со повеќе други награди и признанија за своите долгодишни творештва како поети, прозаисти и книжевни преведувачи. Џабир Ахмети годинава, по повод 30-ти септември, Светскиот ден на преведувачите, ја доби наградата „Абдулазис Ислами“ на Меѓународната манифестација на книжевните преведувачи од Тетово за неговиот препев на албански јазик на „Зборникот на Миладиновци“, како и за долгодишните заемни преведувања на книжевни дела на албански и македонски јазик. Ренџов е добитник и на наградата „Златно перо’ во 1998 година за препевот на книгата „Мудрости и горчини“ од албанскиот писател Дритеро Аголи.

Што се случува со заемните преводи на литературни дела од различни јазици во земјата, дали постојат во задоволителна мера интерјазични и меѓукултурни контакти?

Михаил Ренџов вели: „Јас помагам околу преводите на македонски јазик, а тие ме преведуваат мене на албански јазик. Речиси не постои македонски автор кој не е преведен на албански, или од албански на македонски јазик. Таа соработка на преведување е многу голема и со време се продлабочува и се проширува.“

MIhail Rendzov Kultur- und Kunstpreis Mazedonien

Михаил Ренџов

Џабир Ахмети се надоврзува: „Сепак, не постојат во доволна мера заемни преводи. Има само индивидуални преводи кога некогаш ќе се сети некој издавач, кога ќе дојде некоја идеја од поединец и тогаш се преведува. Институционално, како што се преведуваат капиталните дела од светските странски јазици, такви проекти во Македонија нема и за преводите од македонски на албански и од албански на македонски јазик. Малку се чита македонската книжевност кај младината во средината на македонскиот етникум, а камоли кај Албанците. Уште послабо се читаат албанските творци на македонски јазик. Да не одам до крајности: можеби само еден отсто од Македонците знаат за Фан Ноли, Исмаил Кадаре и другите големи албански писатели и културни творци. Постои предрасуда, која само книжевноста може да придонесе да ја снема меѓу нас. Не се воспоставени тие мостови, кои би сакале да бидат изградени, заради меѓусебно запознавање на културите, особено меѓу книжевностите на двата јазика.“

Како гледаат двајцата автори на интеретничките односи во земјата?

Ренџов е категоричен: „Комуницирам со луѓето од Струга и од западниот дел на Македонија, каде што постојат конфликтни ситуации, но тоа е наследеност од минатото. Конфликтите ги предизвикува политиката, а народот си живеел меѓу себе, си живее и ќе си живее во една хармонија. Како што одминува времето тие конфликтни ситуации меѓу двата етникума се‘ повеќе ќе исчезнуваат, ќе бидат минато и дел од историјата. Тоа го кажува иднината. Македонија е земја на иднината. Новото сфаќање на животот, новото чувствување на татковината, ги изолираат овие конфликтни, етнички разлики. Уште подобро ќе биде кога

Dzabir Ahmeti Kultur- und Kunstpreis Mazedonien

Џабир Амети

нема да се меша политиката и кога ќе остави на народот сам да си ги средува работите. Со време нема да има повеќе етнички судир, оти ние и порано сме живееле компактно и добрососедски. Еве, јас живеам во Нерези, скопско, каде што има и албанско население. Опстојуваме во слога, таа постои и пак се раѓа. Постои добрососедство, меѓусебно разбирање, заемно чествување на исламските и христијанските празници ...“

Ахмети заклучува: „Преведувајќи го ’Зборникот на Миладиновци’ и други дела, забележав дека македонските и албанските народни песни се многу блиски: имаат исти мотиви, иста природа. Преведувањето на книгата на Миладиновци беше чекор кон приближување на македонската и албанската култура, кои живеат заедно, а нивните припадници често и едни покрај други. Тие се блиски, со соседски јазици, а сосема малку, да не речам и се‘ уште не се познаваат меѓу себе. Етничките литератури и поети и прозаисти ја исполнуваат својата улога во градењето на интеретничката комуникација во македонското мултикултурно општество. Меѓуетничкото приближување треба да биде поттикнато и од надлежните институции, кои треба тоа да го направат конкретно, а не само преку политички говори пред собраниската говорница и на други места. Институционално треба да се помогне таа огромна работа што ја вршат книжевните творци и преведувачите од јазиците што се говорат во Македонија. За да се запознаеме како етникуми треба да помогнат образованието и надлежните институции во државата. Тешко е ако се остави само на поетите и писателите: тие си ја вршат својата работа и тука завршува она што тие сакаат да се постигне. Институциите се тие кои што можат да направат такви крупни работи: да се исполнат соништата што ги имаат добрите луѓе. “