1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Сомнително високи донации на БМВ за партијата на Меркел

Германската ЦДУ прими висока донација од акционери на БМВ. Истовремено, владата предводена од ЦДУ на ЕУ-рамниште се бори против поостри норми за испуштање гасови. Критичарите се за реформа на партиското финансирање.

Времето кога Бербел Хен веруваше во случајности, одамна е поминато. Политичарката од опозиционата Партија на зелените си ги протрила очите кога првпат во печатот прочитала за велокодушната донација од главните акционери на германскиот автомобилски производител БМВ. 17 дена по парламентарните избори, тројца членови на семејството Квант/Клатен и‘ подарија на старо-новата владејачка партија, Христијанско-демократската унија, многу пари. Дури 690 илјади евра преминаа од контото на семејството на сметката на партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, што вчудоневидената јавност можеше да прочита на веб-страницата на германскиот парламент, Бундестагот. Сите донации над 50 илјади евра, согласно германскиот закон за партии, треба да бидат јавно објавени од страна на претседателот на Бундестагот.

Блокада на правилата за издувни гасови за возврат на партиската донација?

Bärbel Höhn Die Grünen

Бербел Хен

Она што според важечките закони е легална постапка, за германската пратеничка Хен, меѓутоа, е многу симптоматично, зашто додека ЦДУ касира големи парични донации, владата предводена од оваа партија, на ниво на ЕУ ги застапува интересите на германската автоиндустрија.

„Веќе е чудно што сега стигнува огромна донација од 690 илјади евра од БМВ, а канцеларката истовремено во ЕУ се обидува на сите начини да го блокира донесувањето на навистина амбициозната граница за испуштање на штетниот гас јаглероден диоксид кај автомобилите“, критикува Хен.

Сојузниот министер за екологија Петер Алтмајер од ЦДУ, по налог на канцеларката, на средбата на министрите за екологија од ЕУ во Луксембург во понеделникот (14.10.2013) спречи постигнување согласност. Наместо строги правила за издувни гасови од 2020. година, како што бараше ЕК, германската влада се заложи за великодушни преодни рокови, што пред се‘ им користи на германските автомобили од БМВ, Дајмлер и Ауди. Според политичарката од Зелените, Бербел Хен, ова е блиску до сомнеж за поткупливот на политиката. Партиската централа на ЦДУ тоа го демантираше, но само писмено: „Донациите не биле и не се во никаква меѓусебна поврзаност со одделни политички одлуки“.

Johanna Quandt mit Stefan Quandt und Susanne Klatten

Подарок без противуслуга? Донаторите Штефен и Јохана Квант и Сузане Клатен

Демант, кој за антикорупциската организација Транспаренси интернешнл ни оддалеку не е доволен. Нејзиниот раководител, Христијан Хумборг, од германската политика бара суштински пресврт во партиското финансирање и друг, посензибилен пристап со донациите. Моментно партиските донациии ги регулира закон кој последен пат беше реформиран во 2011. година. Тогаш политичките партии самите утврдија во колкав обем се доволни државните дотации и до колкава висина можат да бидат донациите од приватни лица и претпријатија. Така, денес во Германија е законски примање на партиски донации во неограничена висина. Единствениот услов кој го пропишува законодавачот е обврската за јавно објавување на донациите над 50 илјади евра.

Porträt - Christian Humborg Transparency International

Христијан Хумборг

Нема одредба за ограничување на висината на донациите, веројатно и затоа што не само ЦДУ профитираше од големи донации. Во 2013. година, покрај ЦДУ, поединечни донации меѓу 60 илјади и 150 илјади евра примија и СПД, ЦСУ, како и либералите. Никакво чудо што антикорупционерот Христијан Хумборг не верува во реформа на партиското финансирање, која би била иницирана од самите партии.

„Законот за партиите предвидува, ако партиите не успеат сами да ги извршат измени во правилата, дека треба да се вклучи претседателот на државата“.

Така, според мислењето на антикорупционерите, претседателот Јаохим Гаук треба да формира Комисија за партиско финансирање која би ги ограничила високите донации, би внесла поголема транспарентност и би продонесла за уште поголема независност во надгледувањето.

Германците на столб на срамот во Советот на Европа

Лошото регулирање во политичката сфера веќе повеќе пати беше критикувано од страна на експертската комисија на Советот на Европа, ГРЕКО. Групата на државите против корупција, ГРЕКО, меѓународна организација со седиште во Стразбур, лани дури поведе и посебна постапка против Германија. Причината е што препораките на организацијата во врска со криминализацијата на корупцијата и партиското финансирање во Германија се спроведени во незадоволителна мерка. На земјата и‘ беше даден рок до 31. јуни 2012. година да спроведе мерки за поголема транспаретност кај партиските донации. На ова барање до денешен ден се оглушуваат како владејачките, така и опозиционите партии во Берлин. Сосема спротивно, се чини дека врските на моќното автомобилско лоби и политичките елити се се‘ потесни. Така на пример, поранешниот министер за сообраќај од ЦДУ, Матијас Висман, веќе со години е главен лобист на Сојузот на автомобилската индустрија, ВДА. А последниот државен министер во кабинетот на Меркел, Екард фон Кладен, премина во Дајмлер.