1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соло-играта на Груевски ја поткопува довербата

Катерина Блажевска26 јуни 2015

Планот на Груевски за „нови реформи за европската интеграција“, не е во согласност ни со заклучоците на Советот на ЕУ, ни со неопходната инклузивност во дијалогот, велат од опозицијата.

https://p.dw.com/p/1FncD
Фотографија: picture alliance/epa/N. Batev

Каква е потребата од дијалог и од средбата на 29 јуни, на која заеднички треба да се договорат мерките за излез од кризата, ако премиерот Никола Груевски еднострано промовира некаков наводен „план за реформи“? Ова е прашањето што го поставува здружената опозиција, откако Груевски најпрвин на неговиот Фејсбук-профил објави дека на седница на Владата бил усвоен „План за нови реформи за европската интеграција“, а истиот вчера неофицијално го промовирал и во Брисел.

„Покрај постоечките реформи кои континуирано ги спроведуваме, ова е нов обемен и амбициозен план за кој верувам дека ќе овозможи дополнителен напредок. План базиран на нашите разговори со ЕУ и препораките на европските институции и експерти, фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата. Прецизно, со конкретни мерки, рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат. Ангажман на цела Влада и ангажман на посебен тим на министри кои неделно ќе се среќаваат неколкупати со цел да ги подготвуваат и реализираат евро-реформите. Македонија има сила, местото на Македонија е во Европската Унија“, напиша Груевски.

Планот, инициран од забелешките и препораките од Европската комисија, Груевски вчера им го претставил и на лидерите од европската десница за време на редовниот Самит на европската народна парија во Брисел.

„Владата експресно ги прифати препораките на ЕК поврзани со воведување на натамошни реформи и зголемувањето стандарди во повеќе области, претежно области покривани со поглавјата 23 и 24. Нашиот план е тоа да се одвива со многу брза динамика, и тоа ќе го направиме“, изјави Груевски.

Премиер хипокрит

Во опозицискиот блок велат дека планот на Груевски не е во согласност ниту со духот на дијалогот, ниту со заклучоците што пред неколку дена ги усвои Советот на ЕУ. Советот ги повика „сите политички партии да го почитуваат договорот од 2 јуни и да ги спроведат сите препораки на Комисијата, почнувајќи со итните реформски приоритети во однос на систематското владеење на правото, вклучувајќи ги тука прашањата за прекршување на основните права, за независноста на судството, за слободата на медиумите, за изборите, за корупцијата, за партизацијата на државните институции, за замаглувањата во поделбата држава-партија“.

Како што потенцираат од опозицијата, тоа предвидува инклузивност и заедничко договарање на активностите и мерките. Особено што Советот на ЕУ во еден од заклучоците наведе дека „на седницата на Советот за стабилизирање и придружување која ќе се одржи во јули, очекува детален извештај за конкретните чекори преземени и планирани во следниов период“.

Во ваквата соло-игра на Груевски опозициската ЛДП уште еднаш препозна „премиер хипокрит“, кој се обидува да ја манипулира македонската јавност и меѓународната заедница.

„Ова е уште една срамна и патолошка реакција на Никола Груевски на крајно сериозниот извештај на Рејнхард Прибе. Човекот кој ја има најголемата заслуга што Македонија денес се соочува со срамно губење на препораката за членство во ЕУ, сето тоа поради неговата желба суверено и криминално, без право и правда да владее со Македонија и нејзините граѓани, денес ја засмејува јавноста со неговите изјави дека ќе се бори против сите работи што тој ги инсталира во државата и служат како единствен извор на неговата моќ. Каква демагогија! Груевски, човекот кој ја осакати Македонија и и‘ нанесе несогледливи последици во преговорите за членство во ЕУ, не може да биде решение за македонската евроинтергација“, се вели во реакцијата на ЛДП.
Од партијата му порачааа на Груевски дека задоцнил со европските реформи.
„Не правете гротестка од сериозноста на проблемите со кои се соочува Република Македонија. ’Обемните и амбициозни планови’ за членство на Македонија во ЕУ, ќе бидат приоритет на новата влада на Македонија, која граѓаните ќе ја изберат на следните фер и демократски избори, на кои вие ќе станете дел од темната историја на државата“, потенцираат од ЛДП.

За „планот“ на Груевски стигнаа критики и од опозициската НСДП.

„Груевски настојува уште еден договор со ЕУ да го направи тоалетна хартија. Во извештајот прецизно е наведено дека 'транспарентноста треба да надвладее како неопходен метод за справување со кризни ситуации', а токму тоа Груевски го погази... Сериозноста на политичка криза бара воспоставување на транспарентна комуникација со целата јавност, целосно и детално запознавање на граѓаните со сите активности кои се утврдени за надминување на постоечката состојба, а не политички преписки на социјалните мрежи со своите следбеници... Пироманите ниту сакаат, ниту можат да го изгаснат пожарот, а за изградба на нов објект по пожарот не може да стане ниту збор“, се вели во реакцијата на НСДП.

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во интервју за ТВ „Телма“ изјави дека мора да има структурни реформи, но тие реформи може да се спроведат само ако има политичка волја. „Без политичка волја, сето ова ќе падне како кула од карти. А, Груевски би сакал се‘ она што беше наведено во извештајот на Прибе, да се сведе на бесконечни акциски планови“, рече Шекеринска, потенцирајќи дека без договор за преодна Влада нема решение на кризата.

Георгиевски: Јас сум опозиционер!

На три дена пред лидерската средба закажана за 29 јуни, нема информации дека се надминати разликите по прашањето за мандатот на транзициската влада. Меѓупартиската реторика и натаму укажува дека постои длабок јаз меѓу политичките опоненти, а нервозата ја подигнаа и шпекулациите дека ВМРО-НП е пред одлука за враќање во јатото на ВМРО-ДПМНЕ. Љубчо Георгиевски вчера категорично ги демантираше таквите тврдења, истакнувајќи дека тоа е „игра на нерви“ меѓу Заев и Груевски.

Prime Minister Ljubcho Georgievski
Георгиевски: Десет години сум опозиционер и останувам на тоаФотографија: AP

„Навистина не знам зошто некои кругови во СДСМ ја форсираат таа приказна, но во неа нема ни трошка вистина. Јас десет години сум опозиционер и останувам на тоа. Но, тоа не значи дека за некои прашања немам различни ставови од СДСМ, како на пример, за аферата со прислушувањето, што не треба да биде причина да ме 'ставаат' на нечија страна“, изјави Георгиевски За ДВ.

На прашањето како би постапил ако добие покана за спојување со ДПМНЕ, Георгиевски одговори: „Ние сме идеолошка партија со свои позиции. Какво било проближување со други партии, зависи од тоа колку тие можат да ги разберат нашите позиции. Досега не сме ја затвориле вратата за соработка ни со СДСМ, ни со ВМРО-ДПМНЕ. Но, ние имаме своја автентична политика и свои ставови, а во тоа го гледам богатството на демократијата“.

Тој тврди дека досега не стигнале никакви сигнали од ДПМНЕ за спојување со ВМРО-НП, но признава дека атмосферата е малку изменета.

„Забележливо е дека од таа страна 'прават некаква политика'. Извесен период нема никаква пресија врз нашите членови, а го спомнаа и моето име на годишнината од партијата. Можеби последново, некому му изгледало како добра основа за шпекулација дека се спојуваат двете партии“, претпоставува Георгиевски.

Притоа и‘ забележува на опозицијата што се занимава најмногу со прашањето дали Груевски ќе остане во Владата и колку време. Смета дека е најважно да се фокусираат на изборната регулатива, на капацитетите на ДИК, на казните за манипипулирање со волјата на гласачите и на суштинскиот предлог.

„Зошто СДСМ молчи за предлогот Македонија да биде една изборна единица? Па тоа е основната работа која најсигурно води кон развластување на ВМРО-ДПМНЕ, а не инсистирањето Груевски веднаш да се повлече“, дециден е Георгиевски.

Според него, таквото инсистирање на СДСМ ги нервира и „странците“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема