1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Солидарност со Тибетанците

Премиерот на тибетската влада во егзил Лобсанг Сангај за денеска (08.02) повика на собири на солидарност со Тибетанците ширум светот. Кинеските власти ја заоструваат контролата.

Судирите меѓу Тибетанците и кинеските безбедносни сили не се смируваат. По бранот самозапалувања на Тибетанци, на крајот на јануари дојде и до насилно задушување на масовните протести на Тибетанците, при што од страна на кинеските безбедносни сили беа убиени неколку лица.

Во видео-порака на интернет, премиерот на тибетската влада во егзил Лобсанг Сангај вели:

„Да и‘ испратиме гласна и јасна порака на кинеската влада дека насилството и убивањето недолжни Тибетанци е неприфатливо. Ги молам сите, овие собири да ги одржат во мир и достоинствено и во согласност со законите на земјите во кои ќе се одржуваат.“

Tibet Exilpremier Lobsang Sangay

Лобсанг Сангај

Состојбата во Тибет и во пограничните провинции се заострува. Хариет Бумон од организацијата Слободен Тибет, со седиште во Лондон, вели дека состојбата во регионот е екстремно напрегната:

„Имаше жестоки протести и како што можеби знаете, целиот регион таму е блокиран. Се зголемува тибетскиот отпор, но се зголемува и жестокоста на постапките на кинеската држава против таквиот отпор.“

Едно од местата кадешто има најмногу судири меѓу Тибетанците и кинеските власти е тибетскиот храм Кирти во градот Нгаба, во провинцијата Сечуан. Само во Нгаба имаше десет случаи на Тибетанци кои се самозапалија. Во март минатата година, храмот Кирти беше блокиран. Околу 300 монаси, како што тврдат групите на Тибетанците во егзил, биле однесени на непозната локација и дел од нив се‘ уште не се вратени назад. Кинеската влада зборува за „патриотска кампања на воспитување“ за тибетските монаси и монахињи.

Tibetische Mönche helfen nach Erdbeben in China Flash-Galerie

Во видео пораката на премиерот на тибетската влада во егзил Лобсанг Сангај, тој го повикува кинеското раководство да се откаже од насилство против Тибетанците.

„Со насилство и убивање демонстранти нема да ги запрат оправданите барања на Тибетанците и нема да се врати стабилноста во Тибет. Единствен начин за решение на проблемот на Тибет и постигнување траен мир е да се почитуваат правата на тибетскиот народ, како и да се почне дијалог.“

Повикот на Лобсанг Сангај ќе го следи и германското претставништво на Меѓународната кампања за Тибет. Раководителот Кај Милер, вели:

„Во Берлин планираме собир, симултано со другите што ќе се спроведуваат ширум светот, за да ставиме јасно до знаење дека има солидарност со оглед на тешката ситуација која владее во Тибет.“

Кинеските власти, во меѓувреме, ја заоструваат контролата на тибетските храмови. Партискиот секретар во тибетскиот главен град Ласа, Ки Жала, соопшти дека безбедносните сили мора да преземаат засилено мерки против „сепаратистите“ од „кланот на Далај Лама“. Релаксирање на состојбата во Тибет и во регионите кои граничат со него не е на повидок. Март е особено критичен месец. Тогаш се одбележува годишнината од тибетското востание во 1959 година. Во март почнаа и протестите во 2008 година.

Автор: Кристоф Рикинг / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски