1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Солзавец, шок бомби и протести против Меркел во Атина

Илјадници демонстранти се судрија со полицијата за време на посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на грчката престолнина. Меркел вети нова помош за Грција, Самарас дека ќе ги реализира реформите.

Грчката полиција употреби солзавец и шок-бомби за да ги спречи илјадниците демонстранти на плоштадот Синтагма да го пробијат кордонот и да ја нападнат германската канцеларка Ангела Меркел, која е во прва посета на Грција од почетокот на кризата во оваа земја.

И покрај официјалната забрана за протести, десетици илјади луѓе излегоа на плоштадот во Атина да протестираат против Меркел, која ја сметаат за одговорна за острите мерки за штедење кои и беа наложени на Грција во замена за помошта за банкротираната држава.

Дел од демонстрантите ја нападнаа полицијата со камења, шишиња и палки за време на средбата на Меркел со грчкиот премиер Андонис Самарас само стотина метри понатаму. Покрај парламентот демонстрираа и неколкумина облечени во германски нацистички униформи со развеани нацистички знамиња. Демонстрантите извикуваа „Надвор за империјалистите“, „Ова не е Европска унија, ова е ропство“ и „Не! за четвртиот Рајх“.

Околу 6 илјади грчки полицајци се грижеа за безбедноста во центарот на Атина, меѓу нив и анти-терористички единици и снајперисти кои беа распоредени по околните згради.

Натамошна поддршка за Грција

На средбата со Самарас, Меркел ветила натамошна поддршка и помош за Грција и изразила очекување дека земјата ќе остане дел од еврозоната. Меркел потенцираше дека во блиска иднина ќе бидат реализирани два проекти на ЕУ зад кои стои Германија во вредност од 30 милиони евра, а кои се наменети за

Griechenland Angela Merkel mit Antonis Samaras

Ангела Меркел и Андонис Самарас

локалната администрација и здравството.

„Ние во Германија знаеме колку е тешко да се изведат реформи. Тоа е долг пат, но ќе видиме светло на крајот на тунелот“, рече Меркел, која оцени дека реформите во Грција напредуваат добро, но и дека останува уште многу работа.

Грчкиот премиер Самарас изрази уверување дека неговата земја ќе остане во еврозоната и дека ќе ги исполни сите обврски кон меѓународните доверители.

„Сите кои се обложуваа против Грција, ќе го загубат облогот“, порача Самарас.

Според аналитичарите, првата посета на Меркел на Атина по пауза од пет години се должи на нејзината желба да му изрази поддршка на конзервативецот Самарас, но и да ги смири домашните критичари кои сметаат дека германската канцеларка придонела за продлабочување на кризата во оваа земја со инсистирањето на реформи и радикално намалување на трошоците.