1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Солана доаѓа на Косово

Изборите на Косово треба да се одржат на 23 октомври. На изборите во 2001 и 2002 година имаше претставници на Србите во покраината. Сега, владата во Белград ги повика на бојкот. Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, денеска околу изборите е на разговори во Приштина, а во текот на неделава треба да престојува и во Белград.

Хавиер Солана пред себе има тешка мисија. Атмосферата во Косово е подгреана. Тукушто почна изборната борба за изборите на крајот на октомври. Претставниците на српското малцинство, со поддршка на Белград, повикуваат на бојкот на изборите. Партиите на косовските Албанци, во исто време, водат изборна борба со барања за независност на Косово. Српското малцинство стравува дека во независно Косово би се повторувале напади какви што имаше оваа година. Студентка од Косовска Митровица вели:

”Ние не сакаме независност, Независноста би била лоша за овдешните Срби. Во тој случај ние би биле само една етничка група.”

Уличниот трговец во Митровица е скептичен:

”Не верувам дека во моментов Србите и Албанците можат да живеат заедно во каква било нова држава. Би било добро кога и натаму би останало исто како што е. Само така можеме да преживееме.”

Северот на Митровица во кој доминираат Србите има паралелна управа. Косовската влада во Приштина овде не е призната и покрај тоа што лидерите таму постојано им даваат уверувања на Србите дека во едно независно Косово ќе може да се живее мирно, како што тоа го прави претседателот Ибрахим Ругова, сеуште најважната галионска фигура на албанското малцинство.

”Во независно Косово и Србите ќе ги имаат сите права, и тие како сите други граѓани ќе можат да си го задржат идентитетот и да се интегрираат во Косово. Ќе им биде подобро во независно Косово. Мораат конечно да сфатат дека по интервенцијата на НАТО во 1999 година, на Косово има нова ситуација.”

Токму тоа Солана сака да им го разјасни на Србите и од нив да побара да учествуваат на изборите. И, Солана ќе провери како оди обновата на повеќе од една дузина цркви и манастири кои беа уништени за време на безредијата во март годинава. Обновата, финансирана меѓу другите и од косовската самоуправа , е надгледувана и обезбедувана од војниците на КФОР – меѓу нив и од Бундесверот, кој во март беспомошно гледаше како горатс рпските куќи и цркви.

Монахот Форсонуфиј во шатор на плацот на поранешниот манастир во Призрен се сеќава на случувањата во март:

”Реакцијата на војската тогаш беше слаба, тие беа воздржани. Немаат на што да бидат горди. Но, ние не сакаме да се жалиме на она што минало.”

Монахот ја надгледува обновата на манастирот, заштитуван од бодликава жица и 25-мина Бундесвер војници. За Србите еден ден да можат даживеат без заштита на војска мора да се најдат политички решенија, беше согласна и Контакт групата во Њујорк, минатата недела. Веќе наредната година специјален претставник на ОН би можел да раководи со прегвоори за независност. Во дискусија се имиња како Клаус Кинкел, поранешен германски министер за надворешни работи, Волфганг Петрич, поранешен висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, или Ричард Холбрук, долгогодишен американски посредник на Балканот.

Доколку изборите во октомври минат без проблеми, тогаш може да се разговара за модели на самоуправа на косовските Срби. Широка автономија можеби и на политичарите во Белград би им го олеснило откажувањето од Косово. Но, патот дотаму е долг, и за европските преговарачи, како Солана, напорен.