1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Соживот за пример

Под мотото „Разликите се наша предност“, три невладини организации од Струга почнаа проект, во кој младите ги запознаваат верските разлики. За првпат посетија црква и џамија, а наскоро заедно ќе ги слават Бајрам и Божиќ.

default

Од почетокот на октомври годинава Сојузот на жени „Езерка “ од Струга финансиски помогнат од УСАИД го реализира проектот „Разликите се наша предност “. Партнери им се невладината „Толеранца“, во која членуваат Албанци и здружението на Власите од Струга, „Пунте“.

Целта ни е да ги зближиме младите од различни националности, да ја вратиме довербата и да ја подобриме комуникацијата меѓу нив, вели претседателката на „Езерка“, Драгица Попоска:

„Проектот го започнавме со трибина на тема: Препознавање на различностите со прифаќање и почитување на стандардите на Европската Унија. Продолживме со објаснување на различните религии и нивното влијание во мултиетничка средина , каква што е Струга. За таа цел ја посетивме црквата во селото Вевчани, кое е еднонационално. Во целната група беа деца Македонци, Албанци, Срби и Власи од градот и руралните средини.“

Првпат во црква или џамија

Schüler interreligiös Mazedonien

Многу од децата никогаш не биле во црква, односно џамија

Младите се среќни и повеќе од задоволни што им се понуди заедно да се дружат и воедно најголем дел од нив за прв пат да го преминат прагот на црква или џамија. Фето Цома е еден од нив :

„Досега никогаш не сум бил во црква .Сум ги гледал од надвор и ме интересирало што има, како е внатре? Во Вевчани ги видов иконите и фреските. Кај нас во нашата вера тоа го нема. Во црквата се чувстував некако чудно. Сум гледал како се крстат, ама не знаев зошто. Сакам да се дружиме меѓу себе, а политката им создава само проблеми на младите. Ние со дружењето треба да напредуваме, а не да се враќаме во времето од дедо ми.“

„Првпат влегов во џамија и за мене се` беше интересно и ново“, вели Александра Горческа, додавајќи: „Ме интересира кога ќе ми зборуваат за нивните верски обичаи, за исламот, за постот. И тие сакаат да дознаат за нашите празници. Интересни им се православните обичаи, постот, вапцувањето јајца. Голема чест им е кога ги каниме на некој верски празник и тие кога нас ќе не поканат на Бајрам.“

И коранот и библијата порачуваат соживот, мир и благосостојба

Schule Niko Nestor

По немилите настани во „Нико Нестор“, соживотот се враќа меѓу младите во Струга

Претседателот на здружението „Толеранца “ Башким Мислими вели:

„Кога ги слушавме предавањата од оџата и попот во џамија и во црква се потврди дека секогаш и коранот и библијата порачуваат соживот, сите граѓани да живеат заедно.“

И децата и родителите сакат ваквото дружење да продолжи, открива Мислими:

„Ние сме капка од дожд, се надеваме на повеќе вакви активности и да имаме повеќе капки дожд. Претпоставувам, мислам и сум уверен во тоа дека самиот проект ќе успее .“

Бајрам и Божиќ на иста трпеза

Struga Innenstadt, Mazedonien

И библијата и коранот проповедаат соживот

Заедно ќе се слави Бајрам и Божиќ, открива Попоска: „Предвидовме една Бајрамска вечера со околу 60 луѓе од сите националности. Така ќе биде и за Божиќ и ќе бидеме честени со традиционална храна што се служи на овие големи верски празници.“

„Очекувам по завршувањето на проектот, барем тие деца што беа вклучени, пак заедно да ги слават сите празници “, заклучува Мислими.

Проектот ќе заврши во март следната година, со локална конференција на која ќе се зборува за теми од соживотот, религиите и културните вредности што спојуваат.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Трајче Тосев