1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Соживотот во мултиетнички Лондон пред тешки предизвици

По неодамнешното убиство на британскиот војник од страна на радикални исламисти во населбата Вулич, бројната муслиманска заедница во Лондон е цел на напади и изливи на омраза.

Форензичарите се' уште бараат траги, го прегледуваат секој сантиметар во изгорениот центар на муслиманската заедница во северен Лондон. Кои биле сторителите? Како делувале? Навистина ли се кријат зад тоа расистички мотиви, како што претпоставува полицијата?

Муна Али помагала во центарот, доброволно. Го познава уште од детство, од наставата по арапски јазик и од помошта кај домашните задачи.
Оваа студентка по дизајн, чие семејство потекнува од Танзанија, сега прави фотографии за интернет страницата на заедницата - документи за загубата.

„Ова место ми беше како втор дом. Како да сте загубиле дел од домот. Така се чувствуваат и повеќето членови на заедницата, речиси како да загубиле дел од својот дом“.

Муна се прашува како можело да се случи вакво нешто, и тоа во угледна населба како што е Масвел Хил, каде се зборуваат околу двесте различни јазици и каде соживотот меѓу различните етнички заедници досега се одвивал главно без проблеми.

Радикали на двете страни

Организацијата „Фејт Метерс“ се залага за дијалог помеѓу религиите и има отворено телефонска линија на која муслиманите можат да пријават расистички напади.

По неодамнешното убиство на британскиот војник од страна на радикален исламист во лондонскиот Вулич, телефоните не престануваат да ѕвонат. Фијаз Мугал член на  „Фејт Матерс“ објаснува:„Луѓето ги навредуваат на улица, им испраќаат расистички мејлови, на Твитер се повикува на омраза кон муслиманите. Од џамиите стигнуваат пријави за погрдни графити, скршени прозорци, се' до крајности како што е подметнување пожар“.
Расистите се натпреваруваат во сеење омраза на интернет: имигрантите треба да се запалат, треба да им се скршат прозорците, подбуцнуваат корисниците на Твитер. На спротивната страна се радикалните проповедници на омраза. На пример, Анџем Шаудри, кој не сака да го осуди убиецот на војникот во Вулич.

Или, Омар Бакри Мохамед, кој е прогонет во Либан, дури и го поздравува атентатот на војникот Ли Ригби, додека лондончаните се' уште го оплакуваат.

Потребно е ново чувство на заедништво

Во џамијата во Брикстон на југот на Лондон гледаат со презир на проповедниците на омраза. И оваа џамија беше нападната набрзо по бруталното убиство на војникот, среде ноќ, а по сторителите се' уште се трага. Сега се вбројува во особено загрозените, вели Омар Џамајки од Јамајка, кој е тука имам веќе 7 години. Омар е роден како христијанин, но, како и многу членови од својата заедница, преминал во ислам.

Но истовремено во Брикстон не ги затвораат очите, бидејќи честопати токму млади мажи кои конвертирале се подготвени да применат сила. Многу често се несигурни, имаат лични проблеми и така можат да станат лесен плен за екстремистите. Во Брикстон, поради тоа, веќе има исклучени верници. „Ако забележиме дека некој одеднаш има необични идеи, го викаме на страна и се обидуваме отворено да разговараме со него. Притоа се повикуваме на исламот, сепак сме муслимани. А во исламот постојат многу јасни правила за тоа што е правилно, а што не“, вели Омар Џамајки.

На една приредба во знак на солидарност за изгорениот центар, во Масвел Хил се расправаше за тоа како во иднина ќе изгледа заедничкиот живот во населбата.  Муна Али, членка на муслиманската заедница во Масвел Хил вели: „Тука во Масвел Хил се разви чувство на заедништво. Луѓето се грижат за нас, од едно училиште ни испратија писма во кои учениците изразуваат надеж дека се’ ќе биде добро (ни посакуваат многу среќа). Тоа е навистина убаво, дефинитивно.“

Овој мал градски кварт така би можел да стане пример за останатите. Бидејќи, сега е ред на лондончаните да изнајдат ново чувство на заедништво во својот етнички мешан град.