1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Современиот македонски јазик да биде национална грижа

„Јазикот е жива материја“, велеше македонскиот лингвист и литерат Блаже Конески. Македонскиот јазик е исправен пред предизвикот за осoвременување. Во таа насока се работи квалитено, но бавно.

„Јазиците се системи со сопствена структура. Македонскиот јазик е неповторлив, каков што е случајот со културата создадена на овие простори, што никој не може да ја уништи. Можеби затоа не' обезвреднуваат и не' потценуваат, бидејќи не можат да ги достигнат нашите вредности“, вели д-р Димитар Пандев, еден од најдобрите македонски лингвисти.

Македонскиот „препишан“ од Цепенков и Шапкарев 

„Она што ние го направивме од 1945-та до 1965-та година како јазик, култура и литература ретко која нација го постигнала. Конески во првиот дел од граматиката ги вложува текстовите на Цепенков и Шапкарев – Силјан штркот и Кузман Капидан, Тој сфатил дека врз тие текстови може да се создаде литературен јазик. Конески само го опишал, а македонскиот јазик од секогаш постоел,“ вели д-р Пандев.

„Што и да попримиме од блиските нам јазици, или оние подалечните, можеме да го рециклираме и прифатиме или отфрлиме. Таков е македонскиот по својата структура. Јазикот се менува во сите свои стилови, на пример, од разговорниот до административниот. Јазикот ги следи општествено- економските промени“, објаснува професорот Пандев.

Olga Misevska Tomic Seminarteilnehmerin Sprache in Ohrid

д-р Олга Мишевска - Томиќ

Граматиката на Коневски е темелот на македонскиот јазик. Лингвистите се согласни дека таа ниту се пишува, ниту се менува секој ден. Научниците од Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ и Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, како и од МАНУ, континуирано го следат развојот на јазикот и ги евидентираат промените кои го обременуваат и го дообјаснуваат јазикот. Неодамна, на пример, беше промовиран петтиот од шестте томови на Толковниот речник на македонски јазик, кои вкупно ќе содржат над 100.000 зборови. Во речникот е вградена функционаланата граматика, стилските вредности на службените зборови, а вклучува и прашања од правописот.

Symbolbild Literatur Antike Bücher

Јазикот мора да се осовременува

За  македонскиот јазик да ги следи современите текови под итно треба да се има нова граматика и речникот треба да го има и во дигитална форма, додава академик Зузана Тополињска. Таа нагласува дека во негувањето на јазикот ќе се успее доколку тој правилно се развива, а на јавноста во секој миг да и' се достапни сите правила и стандарди.

И, додека експертите многу не брзаат во воедувањето на промените во македонскиот јазик, во практика нема кој да побара доследна примена на Законот за македонскиот јазик. На браникот се најдоа лекторите, кои преку здружение се обидуваат да бидат коректори, таму каде што ќе им се даде шанса. Лекторите требаше да ги има во сите институции, а сега многу малку ги има и во медиумите.

Надвор од Македонија последниве децении се препечатува и адаптира граматиката на македонскиот јазик. Последен пример е граматиката на македонски издадена и на англиски јазик во САД. Авторката д-р Олга Мишеска – Томиќ ја промовораше во Охрид. Според неа македонскиот јазик најмногу треба да го бранат медиумите, кои покрај училиштата имаат најголема моќ.

Mazedonien Kultur Milan Gurcinov

Академик Милан Ѓурчинов

Над темелот мора да се надградува

„Често се прашувам што сакаме? Добивме темели, но темелот не е куќа. Врз него се гради и надградува. Повелете градете, а не уривајте го тоа што е изградено. Тоа е мојот став“, вели академик Милан Ѓурчинов, коментирајќи на прашањето како македонскиот јазик да се спаси од низата интернационализми, кои „без да чукнат на врата“, влегуваат во јазикот на улицата.

„Одредени лингвисти ми сугерираат да реагирам дека недоволно се работи врз унапредувањето на македонскиот литературен јазик. Тоа треба да биде национална грижа. Нашиот јазик мора да се усовршува врз нашите темелни традиционални основи и да се збогатува во духот на модерното време, како и сите други јазици. Оние кои не ни мислат убаво, само чекаат да се случи спротивното. Јазикот ни е најсилното обележје на нашиот род и нација“, заклучува академик Ѓурчинов.