1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Советот на НАТО ќе расправа за инцидентот на турско-сириската граница

Соборувањето на турскиот воен авион од страна на Сирија уште повеќе ги заостри со месеци затегнатите односи меѓу двете земји. За инцидентот во вторник ќе расправа и Советот на НАТО.

Турција, земја членка на НАТО, денеска (24.06) ја обвини сириската војска дека во петокот без никакво предупредување го соборила турскиот воен авион Ф-4, во меѓународни води. Сирија од своја страна ја правда постапката со „одбрана на сопствениот суверенитет“, со оглед на тоа што воениот џет навлегол во воздушниот простор на земјата. Владата во Дамаск меѓутоа одби да се извини.

Поради соборувањето на нејзиниот воен авион, Турција го свика Советот на НАТО, потврди портпаролката на НАТО Оана Лунгеску денеска во Брисел. Турција се повика на членот 4 од договорот на НАТО. Овој член предвидува, дека сојузниците треба да одржат советување, доколку една од членките е на став дека се загрозени „нејзиниот политички интегритет, политичка независност или безбедност“. Советот на НАТО ќе заседава во вторик (26.06) во Брисел.

Турскиот воен џет беше соборен во петокот (22.06) во близина на сирискиот крајбрежен град Латакиа. Од двајцата пилоти до денес нема никаква трага. Турските специјални единици го лоцирале местото на падот на авионот на длабочина од 1.000 метри, информира турската интернет страница „Заман“, без да наведе детали.

Давутоглу: Немаше операција против Сирија

Воениот авион, според информации од двете земји, накратко навлегол во сирискиот воздушен простор. Причините за тоа не се разјаснети. Како што известуваат турските медиуми, пилотите 15 минути, пред да им биде соборен авионот биле предупредени од сопствениот контролен центар, дека се наоѓале во сириски возушен простор. Пилотите потоа веднаш го смениле курсот во правец југозапад и го напуштиле возушниот простор.

Türkei Außenminister Ahmet Davutoglu

Шефот на турската дипломатија Ахмед Давутоглу

Турскиот министер за надворешни работи Ахмед Давутоглу за државната телевизија ТРТ Хабер Нјуз изјави дека летот бил на вежба и авионот не бил вооружен, а бил изведен со цел да се тестира радарскиот и одбранбен систем на Турција. „Немаше операција против Сирија“, нагласи Давутоглу.  Џетот по грешка навлегол на сириска територија и без никакво предупредување сириското воздухопловство отворило оган врз него. „Авионот бил соборен над меѓународни води, одалечен 13 милји од сирискиот брег, откако повторно го напуштил сирискиот воздушен простор“, изјави Давутоглу. Турција го задржува правото за преземање натамошни мерки во согласност со меѓународното право.

Турција и Сирија ѕвечкаат со сабјите

Syrien Flüchtlinge

Сириски бегалци

Портпарол на сириското министерство за надворешни работи денеска го правдаше уривањето на авионот со „правото на одбрана на суверенитетот“. Противвоздушната одбрана рагираше од сириска територија, изјави портпаролот Џихад Магдиси. „Ние немаме непријателски намери“, дополнил портпаролот, пренесува интернет страницата „Сирија нау“ блиска до владата.

Односите меѓу некогашните сојузници се влошија откако режимот во Дамаск насилно почна да го задушува опозиционото движење против претседателот Башар ал-Асад. Повеќе од 30.000 сириски бегалци во меѓувреме побараа спас во Турција. Сирија го обвинува соседот Турција дека дозволува испорака на оружје за бунтовниците. Владата во Анкара го негира ова. Освен ова, Турција, како и повеќе европски земји по масакрот во Ал Хула во мај протера сириски дипломати од земјата. На тоа реагираше Сирија и исто така ги прогласи турските дипломати за персона нон грата.