1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Советот на Европа ќе отвори канцеларија во Македонија

ПССЕ со огромно мнозинство ја усвои резолуцијата и препораката на известувачот, британскиот парламентарец Роберт Волтер, за постмониторинг дијалогот со РМ, во кои се препорачува отворање на канцеларија на СЕ во Скопје.

Во едночасовната дебата по првиот комплетен извештај откако во 2000 година беше затворен мониторингот за Македонија, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) констатира дека Охридскиот рамковен договор беше „фактор на мир и стабилност во целиот регион во текот на последните години, иако односите меѓу македонската и албанската заедница остануваат кревки“.

Јавниот живот останува и натаму силно подeлен по политички и етнички линии, нагласува известувачот Волтер, кој во повеќе наврати ја посети Македонија. Со усвоената резолуција ПССЕ бара од македонските власти да продолжат со деценетрализација и со спроведување на договорот од Охрид, воведување на нови инклузивни политики, а се бара и натамошно промовирање на културните и јазичните права на малцинствата. Од политичките партии се бара да се обидат да држат поконструктивен дијалог, да ги исправат констатираните слабости на парламентарните процедури и Избрниот законик, како и да се реализира постигнатиот договор од 1 март за да се дознае одговорноста за случувањата од 24 декември 2012, кои предизвикаа политичка криза.

Честитки за досегашните реформи, но останува уште многу да се направи

На Македонија и‘ се честита за правосудните реформи, но истовремено се бара да таа повеќе го почитува независноста на судството, за јавноста да има доверба во него. ПССЕ изрази загриженост за начинот на кој се спроведува контраверзниот закон за лустрација, повикувајќи на зацврстување на слободата на медиумите. Истовремено, Македонија треба да ја намали корупцијата, да ја засили борбата против дискриминацијата, да и‘ стави крај на ситуацијата констатирана од Комитетот за превенција на тортурата, да ги интегрира бегалците.

ПССЕ изрази жалење што прашањето за името продолжи да го одложува почетокот на преговорите за членство во ЕУ, исто како и обидите на Република Македонија да му се приклучи на НАТО и се надева дека Грција ќе има „помек“ пристап по ова прашање. Известувачот инсистираше на потребата од решавање на спорот со името во рамките на ООН и во духот на добрососедските односи, исто како и многу други парламентарци од 47 земји членки на СЕ, кои во дебатата нагласија дека сепак Грција е таа која треба да направи исчекор и да покаже поголема флексибилност по ова прашање.

ПССЕ смета дека Македонија треба да се соочува со предизвици на сите нивоа за да се гарантира политичката стабилност и социјалната кохезија, но според заклучокот на мониторинг комисијата, „постојат сериозни сомневања за прашањето дали земјата располага со доволна политичка стабилност за да постигнува сериозен напредок во спроведување на потребните реформи“. Во тој контекст, како што се вели, Советот на Европа треба да направи се‘ што е можно за да и‘ помогне на Македонија и да ја прошири соработката, па оттука предлогот за отворање на канцеларија на Советот на Европа во Скопје. Имено, ПССЕ сака да и‘ помогне на Република Македонија да напредува во исполнувањето на преостанатите обврски преземени со членството во 1995 година.

Канцеларијата е за да и помогне на Македонија на патот кон ЕУ

Претседателот на ПССЕ, Жан Клод-Мињон околу препораката за отворање на канцеларијата на СЕ во Македонија, за Дојче Веле објаснува:

Jean-Claude Mignon

Жан Клод-Мињон

„Тоа не е кацеларија за набљудување на ПЈРМ. Тоа е канцеларија за работа со ЕУ за да се обидеме да развиеме проекти за соработка, како што имаме во Белград и другите земји и кои работат крајно добро.“

Тој притоа не го криеше задоволството што резолуцијата и препораката беа усвоени скоро едногласно од ПССЕ:

„Среќен сум што препораката и резолуцијата беа изгласани на ваков начин. Тоа ќе биде добро за земјата и се надевам дека се‘ она што си го рековме во Скопје со претставниците на земјата, сега ќе се реализира.“

Во дебатата, сите македонски парламентарци членови на делегацијата кои зедоа збор, Александар Николоски, Игор Ивановски и Ермира Мехмети Деваја, го поддржаа извештајот како реално одразување на состојбите во земјата, при што секој од нив ги изложи своите видувања на ситацијата.

Известувачот Роберт Волтер и‘ се заблагодари на макеоднската делегација за конструктивниот пристап во изготувањето на текстот, при што тој инсистираше:

„Ние сме тука да ви помогнеме и сакам да кажам дека ние наскоро треба да си го поставиме прашањето за прекин на постмониторинг дијалогот што ќе претставува клучна етапа кон ЕУ и НАТО.“