1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Советот на Европа нема коментар за предметите ОМО Илинден

Комитетот на министрите на СЕ, во резолуција констатираше дека Бугарија ги исполнила сите барања од пресудата за ОМО Илинден и ставила крај на кршењето на правото на слободно здружување. Но без објаснување зошто?

default

Седиштето на Советот на Европа

Од службата за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа во Стразбур, Дојче Веле побара објаснување: зошто Комитетот на министрите ги затвори предметите ОМО Илинден и Иванов и другите против Бугарија, како решени. Одговорот го добивме од службата за печат:

„Советот на Европа нема никаков коментар во однос на овај предмет. Текстот на конечната резолуција ги содржи сите потребни информации“, изјави за Радио Дојче Веле, Ханриет Жирар, аташе за печат при Советот на Европа.

Кои се објаснувањата во резолуцијата

Mazedonier aus Bulgarien protestieren in Straßburg

Од протестите на Македонците од Бугарија во Стразбур во 2009 година


Во резолуцијата на Комитетот на министрите, за која Радио Дојче Веле веќе извести (на 11 јуни 2011), затворањето на двата предмети се објаснува со тоа што „Бугарија ги исполнила сите обврски кои произлегуваат од пресудите донесени од Евроспкиот суд за човекови права во 2005 година.“

Овие две пресуди, да потсетиме, се однесуваа на правото на слободно и мирно собирање на Македонците во Бугарија, како и нивното право на ефективна жалба кога нивните собири беа забранувани од бугарските власти.

Во финалната резолуција, Комитетот на министрите потсетува дека Бугарија ја прекршила Европската конвенција за човекови права, што беше констатирано од Судот во Стразбур, бидејќи го спречила и забранувала слободното собирање на организациите ОМО Илинен и ОМО Илинден Пирин во перидот од 1998 до 2003, организации кои се залагале „за признавање на македонското малцинство во Бугарија“.

Софија попушти за собирите, но не и за регистрацијата на здруженијата на македонците во Бугарија

Резолуцијата е донесена со објаснување, дека Бугарија им дозволила на жалителите од 2008 наваму да одржуваат слободно состаноци и дека во 2010 година немало нови жалби доставени до Стразбур од страна на припадниците на македонското малцинство.

Оваа резолуција многу наликува на таа од декември 2009 година кога Комитетот на министрите ги затвори случаите со ОМО „Илинден-Пирин“ - партијата на Македонците во Бугарија, чија регистрација беше поништена. Оваа партија и денес не може да се регистрира, но Бугарија според Комитетот на министрите ги има исполенто пресудите.

Овие четири предмети изминатите пет години се претворија во „жешко политичко прашање“ на сесиите на Комитетот на министрите во Стразбур, вакви предмети има многу малку. Зад нив не стои само прашањето слободно собирање и здружување, туку признавањето, односно непризнавањето на Македонското национално малцинство во, и од Бугарија. Треба да се знае дека европските документи не и налагаат на една држава да признае национално малцинство, бидејќи самата држава определува кое малцинство „официјално постои“ на нејзина територија.

Наскоро нови пресуди на Судот од Стразбур

.

Од протестите на Македонците од Бугарија во Стразбур во 2009 година

Интересен е фактот, дека Комитетот на министрите ја донесе финалната резолуција и истовремено во неа забележува, дека пред Европскиот суд за човекови права во процедура се наоѓаат уште два други нови предмети, во кои постојат обвинувања од македонското малцинство (н.з. кое Бугарија официјално не го признава) против бугарските власти, дека им го забранувале слободното собирање во периодот од март 2004 до септември 2009 година.

Притоа, Комитетот нагласува дека неговата одлука во ништо нема да „влијае“ врз пресудата на Европскиот суд за човекови права во овие два нови предмети.

Република Македонија ја спроведува пресудата за случајот Радко

Република Македонија не застана официјално зад овие четири предмети, иако македонската дипломатија правеше обиди за нивно поактивно следење.

За разлика од Скопје, Софија се појави како една од страните против Македонија во случајот со „Радко и Пауновски против Македонија“.

За разлика највисокиот бугарски суд, Врховниот суд на Македонија на 17 мај 2011 ја поништи одлуката на пониските судови кои не му дозволија на здружението „Радко“ повторно да се регистрира по пресудата на Европскиот суд за човекови права.

Организирана беше и обука за судиите во контекст на овај случај, а во меѓувреме Македонија донесе и нов закон за здруженија на граѓани, Чија цел е како што беше информиран Стразбур да се олесни регистрацијата на здруженија на граѓани. Напорите на македонските власти беа поздравени од Комитетот на министрите, но и покрај ова предметот „Радко“ и понатаму во Стразбур се води дека не е решен.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM