1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Советот на Европа е вистинска организација за дебата и етаблирање стандарди

Интервју со Мирјана Лазарова-Трајковска, судија при Европскиот суд за правата на човекот во Стразбур.

default

Мирјана Лазарова-Трајковска

Почитувана госпоѓо Лазарова-Трајковска, Советот на Европа деновиве одбележува шеесет години од основањето. По што тој ќе остане запаметен во изминатите шест децении?

Лазарова-Трајковска: Советот на Европа (СЕ) во овие 60 години, значи од 5 мај 1949 година наваму, остави силен печат врз земјите членки на СЕ. Можеби пред 60 години десетте земји што го основаа СЕ не ни помислуваа дека по 60 години во оваа организација ќе се обединат 47 земји како нејзини членки. Настаните кои следеа од 1990 година наваму, направија оваа организација да обедини во себе голем број земји, кои имаа потреба од зацврстување на владеењето на правото, човековите права, демократијата. Оваа организација се покажа како вистинско место во кое што ќе бидат промовирани овие фундаментални вредности.

Како Вие го дефинирате Советот на Европа?

Лазарова-Трајковска: Она што, според мене, го дефинира Советот на Европа се токму тие три вредности: човековите права, демократијата и владеењето на правото. Денес, кога се соочуваме со нови форми на проблеми, како што се тероризмот, организираниот криминал, корупцијата, или пак со нови форми на работа за истражување, како што е биоетиката, клонирањето, правата на децата и жените или покренувањето на прашањата во врска со социјалните права, Советот на Европа, според мене, е вистинската организација која отвора простор не само за расправа, туку и за етаблирање на стандарди и принципи преточени во документи, што имаат обврзувачки, а многу често и необврзувачки карактер, но упатуваат каде и на кој начин земјите треба да ги оформуваат своите внатрешни законодавства.

Според Вас, кое е најголемото достигнување на СЕ во овие 60 години?

Лазарова-Трајковска: Во овие 60 години, веројатно едно од најголемите достигнувања е надминувањето или отстранувањето на смртната казна од просторите на земјите-членки на СЕ. Вие знаете дека од 47-те земји членки во СЕ, ниту една не ја применува смртната казна. Меѓутоа, Европската конвенција за човековите права е круна на она што значи заштита на човековите права и нејзиното имплементирање, или поточно, формирањето на редовниот Европски суд за човекови права во 1998 година, значеше и практикување на Конвенцијата од страна на Судот, а врз основа на бројните апликации кои следат некаде на почетокот од формирањето на редовниот суд.

Вие сте судија во името на Македонија во Судот за човекови права во Стразбур. Македонија е членка на СЕ од 1995 година. Пред да станете судија, работевте во Венецијанската комисија и во други органи на СЕ како експерт. Што доби Македонија со членството во СЕ?

Лазарова-Трајковска: Јас сум експерт во СЕ од 1994 година. Во овие петнаесет години имав можност не само да го следам зачленувањето, туку и напредокот на Република Македонија во однос на имплементацијата на стандардите што ги градеше СЕ. Со зачленувањето на Република Македонија во СЕ, како експерт имав можност да учествувам во подготвувањето на неколку европски конвенции, едната од нив е Европската конвенција за државјанството. Подоцна, работејќи врз различни закони како член на Венецијанската комисија,имав можност да правам и компаративни анализи во однос на бројни предлози на закони од различни европски земји во однос на европските конвенции и со тоа на некој начин да направам и компаративна анализа во однос на Македонија - каде е таа во однос на другите европски земји и во однос на документите, за кои се обврзала да ги почитува. Мислам дека во овие години зад нас, Македонија како членка на СЕ доби многу, меѓутоа таа даде и свој придонес преку различни експерти кои членуваат во телата на СЕ, бидејќи, на крајот на краиштата, тоа е и крајната цел на оваа организација – да се разменуваат знаењата, искуствата, да се преточат на едно место и да се вградат во документи. Од овие двесте обврзувачки документи, што во овој момент се на листата на документи на СЕ, што се отворени за потпишување и ратификација од земјите-членки и земјите кои не се членки, Македонија добар дел прифати и ги вгради во домашната легислатива. Но, не станува збор само за вградување на стандарди и принципи, туку во прашање е и можноста да се следи исполнувањето на тие стандарди и принципи вградени во легислативата, преку бројните тела кои што ги има СЕ: Комитетот за превенција на тортура, Комисијата за борба против расизмот и нетрпеливоста, Венецијанската комисија, а и преку одлуките на Европскиот суд за правата на човекот. Значи, Советот на Европа има не само можност да влијае врз законодавството на земјите-членки, овде и на Македонија, туку и да го следи натамошното имплементирање на тие стандарди. Тоа, меѓу другото, се врши и преку пресудите кои ги носи Европскиот суд за човекови права и преку извештаите на различните комитети, комисии и други експерти и тела, што се однесуваат на земјите-членки, а меѓу нив и на Република Македонија. Мислам дека добивката овде е на двете страни, и на Република Македонија како земја-членка, меѓутоа и на СЕ, како организација која во себе ги вклучува на еден или друг начин историско-легислативните придобивки од земјите членки, но и потребите на земјите-членки на оваа меѓународна организација.

Дали Македонија може да извлече уште нешто од нејзиното членство во Советот на Европа?

Лазарова-Трајковска: Советот на Европа е исклучително важна организација за Македонија и се разбира дека во однос на она што значи да се добие како придобивка од СЕ, дневно се прават исчекорувања. Меѓу другото, јас сметам дека СЕ е предворје на Европската унија. Македонија мора да ги следи насоките на СЕ со цел да исполни бројни различни критериуми, поврзани со зачленувањето во една друга меѓународна организација, затоа што меѓународните организации на почвата на Европа се поврзани една со друга и она што од СЕ се добива како придобивка, влијае понатаму во однос на интеграцијата во другата меѓународна организација, во овој случај во Европската унија.

Госпоѓо Лазарова-Трајковска, СЕ е посебно посветен на заштитата на индивидуалните човекови права. На кој начин може да се подобри ефикасноста во заштитата на човековите права?

Лазарова-Трајковска: Заштитата на човековите права во рамките на СЕ е една од темелните вредности и Европскиот суд за човекови права е веројатно најцврстиот столб во рамките на СЕ, кој помага веќе утврдените, веќе вградените основи за заштита на човековите права преку Европската конвенција за човековите права, да бидат почитувани од страна на земјите членки на СЕ. Во однос на тоа, што Македонија може да направи во заштитата на човековите права, мое лично мислење е дека она што Европскиот суд за човекови права го преточува во пресудите и одлуките, ја отсликува состојбата која во овој момент стигнува пред Судот преку бројните апликации од граѓаните. Ние се‘ уште добиваме бројни апликации кои се однесуваат на должината на постапката пред домашните судови, меѓутоа во последните неколку години започнува да се менува квалитативно и структурата на апликациите по однос на другите одредби од Европската конвенција за човековите права. Во однос на заштитата на човековите права, не е доволна само работата на Европскиот суд за човековите права. Значи, она што треба да се прави на домашен план е исклучително значајно, за да ја помогне од друга страна работата на Судот и на другите тела што се посветени на човековите права. Односно, треба да се следат будно и пресудите што се однесуваат на земјата, меѓутоа и пресудите на Големиот судски совет или судската пракса во другите земји-членки, која на еден или друг начин може да посочува на градење нови приципи, нови стандарди во однос на човековите права.


Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска