1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Советот за безбедност jа осуди Сирија за масакрот во Хула

Советот за безбедност на ОН на синоќешната седница ја осуди Сирија поради масакрот во градот Хула, во кој загинаа стотина цивили. Официјален Дамаск ја отфрли одговорноста за нападот, а Русија побара проширена истрага.

Сликите на унаказени деца и цивили во сирискиот град Хула го шокираа светот и отворија многу дилеми за адекватноста на набљудувачката мисија на ОН која престојува во Сирија. Западните и арапските земји кои отворено му се спротивставуваат на сирискиот претседател Башар Ал Асад ја обвинија владата во Дамаск за масакрот. Но оттаму ги отфрлија обвинувањата.

„Советот за безбедност најостро ги осудува убиствата, кои беа потврдени од набљудувачите на ОН, на десетици деца, жени и мажи и ранувањето на стотици други во градот Хула, во близина на Хомс, во напади кои опфатија серија владини артилериски и тенковски гранатирања на резиденцијални објекти. Таква невидена употреба на сила против цивилно население претставува сериозно прекршување на меѓународното право и на обврските кои ги презеде сириската влада“, се наведува во необврзувачката резолуција на Советот за безбедност.

Од светската организација потврдија дека најмалку 108 лица загинале во Хула. Од нив, 49 биле деца и 34 жени.

Русија: Нема јасни докази дека Дамаск е виновен

Русија, која заедно со Кина досега блокираше две резолуции во Советот за безбедност со кои требаше да се преземат посериозни мерки против Дамаск, соопшти дека „трагичните настани во Сирија заслужуваат осуда, но повика на истрага на набљувачите на ОН на теренот.

Заменикот руски амбасадор во ОН, Александар Панкин оцени дека околностите околу масакрот се нејасни и рече дека нема јасни докази оти Дамаск е виновен.

Првиот човек на меѓународните набљудувачи, генералот Роберт Муд го брифираше Советот за безбедност преку видео линк. Според Панкин, Муд не го поврзал директно армиското гранатирање со бројот на жртвите.

Писмото кое на Советот за безбедност му го испрати генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун им дава за право на двете страни. Во него се наведува дека по првичната истрага било потврдено дека артилериски и тенковски гранати биле испукани кон населбата. Но Бан исто така пишува дека набљудувачите забележале и рани од огнено оружје на телата на жртвите, кое би можеле да бидат предизвикани од бунтовниците, но и од армиските сили.

За британскиот амбасадор Марк Лајал Грант нема дилеми кој е виновен за масакрот:

„Јасно е дека масакрот во Хула е предизвикан од жестоко бомбардирање од страна на владината артилерија и тенкови“, рече Лајал Грант. Со слична осуда се јави и Белата Куќа.

Syrien UN Robert Mood

Генералот Роберт Муд го брифираше Советот за безбедност преку видео линк

Анан уште денеска во Сирија

Сирискиот амбасадор Башар Џафари ги отфрли обвинувањата пренесувајќи го ставот на неговата влада дека зад нападите стојат вооружени терористички групи. „Жени, деца и стари луѓе беа убиени. Ова не е белег на херојската сириска армија“, соопшти официјален Дамаск.

Сириските опозиционери и очевидци во Хула тврдат дека во петокот најпрво бил изведен артилериски и тенковски напад, а потоа во населбата упаднале припадници на милиција лојална на претседателот Асад кои го извршиле масакрот.

Во Сирија уште денеска (28.05) се очекува пристигнувањето на специјалниот претставник на ОН, Кофи Анан, кој потоа в среда треба да го извести Советот за безбедност за истрагата од теренот.