1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Советот за безбедност треба да се реформира, Германија има шанси да стане член

Бан Ки Мун во разговор со Кристина Бергман ексклузивно за Дојче Веле зборуваше за реформските планови, за улогата на Германија во ОН и за спорната атомска прграма на Иран.

Бан Ки Мун зборува за Дојче Веле

Бан Ки Мун зборува за Дојче Веле

“Осознав дека во светот има многу повеќе жаришта на конфликти, отколку што сметав дека е можно пред да стапам на функцијата” – ова е една од првите реченици што ги кажа во разговорот Бан Ки Мун, кого инаку го сметаат за долгогодишен познавач на глобалните конфликти. Од изборот на зборовите може да се заклучи дека тој би сакал да ја нагласи улогата на светската организација во решавањето на сите тие кризи.

Притоа таа има проблем околу усогласувањето на ставовите. “За несреќа, имаме недоверба меѓу државите-членки, меѓу големите и малите, богатите и сиромашните, а раширена е и недовербата меѓу некои од земјите-членки и Секретаријатот на ОН. Како генерален секретар сакам да играм хармонизирачка улогаза да се премости тој јаз”. Директно запрашан за односот меѓу САД и светската организација, тој укажа на усогласеноста по прашањата на мирот и безбедноста, човековите права и развојот на демократијата.

Бан Ки Мун на почетокот на годинава стана генерален секретар на ОН и практично уште е на почетокот на петгодишниот мандат, во кој треба да се погрижи за она што не му успеа на претходникот Кофи Анан – да ја реформира светската организација. Бан во меѓувреме многупати ја нагласи неопходноста од реформа на ОН. Се разбира дека мора да биде реформиран и Советот за безбедност, треба да биде проширен, но како и со кои земји како нови членови треба да се разјасни во текот на реформскиот процес, рече и во разговорот за Дојче Веле.

Во моментов во тој поглед владее големо разногласите меѓу 192-те членки на светската организација. Бан Ки Мун сепак смета дека се изгледни шансите на Германија: “Германија е многу важна земја. Таа трета најголема финансиска сила и досега учествуваше во многу акции на ОН во креирањето на мировни и безбедносни стратегии. Германија треба да ги засили своите напори, за кај земјите-членки да обезбеди разбирање и подршка за својот интерес да стане нов член на Советот за безбедност”.

Во врска со алармантните вести за промена на климата, Бан Ки Мун подвлече дека е неопходно со глобална кооперација да се пресретнат заканувачките последици од затоплувањето на климата. “Имам чувство дека дури и во САД, посебно во кругови од стопанството и во Конгресот, расте свеста дека е тоа важна работа и оти САД треба да учествуваат во тој многу важен процес. Сакам да се надевам дека американската влада сериозно размислува поактивно и поконструктивно да учествува во процесот”.

Бан Ки Мун беше забележливо воздржан во оценката за атомската програма на Иран, иако не и без зборови на критика: “Одговорните во Иран прво мораат целосно да ги исполнат барањата од резолуцијата на Советот за безбедност. За жалење е што тие не го почитуваа ултиматумот за запирање на облагородувањето на уран, поставен од Советот. Сега се’ е во негови раце. Ги сфаќам сериозните размислувања на членовите на Советот за воведување натамошни казнени мерки. Сакам да апелирам и да вршам притисок врз Иран да поведе дијалог со меѓународната заедница под водство на ЕУ.

Во текот на мандатот на чело на ОН, Бан Ки Мун посакува да се решат многубројни интернационални конфликти и да се воспостави контрола врз глобалните закани од промената на климата. Во самите ОН тој сака да ги реши проблемите со бирократијата и со неефикасноста, а ќе се заложел и за поголема транспарентност на работата на ОН.