1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Советот за безбедност "ни прст не мрда" на израелското насилство

Вонредна седница на Советот за последната израелска акција во појасот на Газа

Израелската војска во Беиг Ханун

Израелската војска во Беиг Ханун

Веројатно никој не броел колку пати генералниот секретар на ОН Кофи Анан, според соопштенијата од неговиот кабинет, бил потресен или вчудовиден поради трагичните случувања во Палестина. Ни овој пат, по најновиот израелски артилериски напад во појасот на Газа, во кој беа убиени 18 луѓе, меѓу нив и повеќе деца, не беше поинаку. Иста беше и немоќта на Советот за безбедност да се усогласи околу осуда на Израел.

Кофи Анан уште еднаш ги изрази својот бол и загриженост поради смртта на цивили, уште еднаш го повика Израел на колку што е можно поголема воздржаност, а од претседателот на Палестинците Махмуд Абас побара да ги спречи ракетните напади врз израелска територија. Еден палестински новинар, спротивно на сите правила, го нападна немоќниот генерален секретар на светската организација дека во ист казан ги става силно вооружената израелска армија со ракетите на Хамас, кои честопати немаат никакво дејство. Најдлабоко погоден од префрлувањето, Анан изусти само едно тивко благодарам и замолче.

На молчењето на Советот за безбедност, кој не мрда со прст - како што вели амбасадорот на Катар Насер ал Насар, се пожали и палестинскиот претставник во ОН Ријад Мансур: “Советот за безбедност не е во состојба да дејствува, да го одржи мирот и безбедноста и да ги штити животите на цивилите”. Дозволувањето такви брутални акти, според Мансур создава неказнив простор за израелските окупатори.

На вонредната седница на Советот израелскиот амбасадор Даниел Кармон, како и обично, и кај најновата израелска офанзива во појасот на Газа опстојуваше врз правото на Израел на самоодбрана. Артилерискиот напад го означи како трагедија која не смее да се повтори, но во крајна линија вината ја префрли на палестинска страна: “И кога цивили се убиени со израелска стрелба, тие всушност се жртва на тероризмот на Хамас”.

Во најновата израелска акција загинаа вкупно 82 лица, од кои 21-но дете и 12 жени. Американскиот амбасадор при ОН Џон Болтон не го споделува огорчувањето против Израели потсети на цивилните жртви во Израел предизвикани со ракетни напади од појасот на Газа: “И покрај сета емоција во салава, ние мораме да водиме чесна и урамнотежена дебата. За напредок во насока кон мир потребна е палестинска влада која ќе се откаже од терор и насилство”.

Многу седници на Советот за безбедност досега имаа ист исход, многу резолуции не беа спроведени или беа запрени со американско вето. Иста судбина и’ претстои и на наредната резолуција за Израел, што во дебатата ја најави Катар.