Советот за безбедност не го осуди Иран | Свет | DW | 30.03.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Советот за безбедност не го осуди Иран

Решение на кризата по заробувањето 15 британски маринци од страна на Иран не е на повидок

Изјави по средбата на Советот за безбедност

Изјави по средбата на Советот за безбедност

Велика Британија не успеа да издејствува остра реакција на Советот за безбедност на ОН во спорот околу уапсените маринци: по контроверзна дебата Советот само искажа голема загриженост поради кризата, но не и осуда на Иран. Против поостри формулации со барање за моментно ослободување на 15-темина британски војници пред се’ беа Русија и Јужна Африка.

Претходно и британскиот премиер Тони Блер уште еднаш побара безусловно ослободување на маринците и исклучи компромиси во овој случај: “Важно е дека на иранската влада јасно и’ ставаме на знаење оти ова не е ситуација која може да биде решена со што и да е друго, освен со безусловно ослободување на сите наши луѓе. Апсолутно е јасен фактот дека тие беа во ирачки води со мандат на ОН” – изјави британскиот премиер за телевизијата Ај-Ти-Ви.

Владата во Техеран, пак налутено реагира на заострениот отон од Велика Британија. Во Иран владее далекусежно единство во оцената на однесувањето на домашната влада спрема Велика Британија. Иран во развојот на аферата се однесуваше коректно, велат и опозиционерите. Техеран досега политички не го инструментализираше случајот, туку само сакаше да ги расветли околностите. Се чини дека Лондон со заострениот тон не им прави услуга на своите заробени маринци. Најавеното ослободување на единствената жена меѓу нив, замислено како иранско излегување во пресрет, сега е одложено.

Иран е огорчен од британската најава за замрзнување на односите. “Британската влада, наместо технички и правно да го провери случајот, започна медиумска војна и примени груби дипломатски тонови. Ние сепак не живееме во камено време, постојат технички можности точно да се проследи маршрутата на двата пловни објекта. Ние тоа го проектиравме на карта и се’ покажува дека тие недвосмислено се наоѓаа во ирански води” – изјави Али Лариџани, секретар на иранскиот национален совет за безбедност.

Иран смета дека и третманот на аферата во тамошните медиуми е знак за кооперативност. Видео-снимка од заробените објави само иранската телевизија Ал-Алам, која емитува програма за странство, и тоа на арапски, а не на персиски јазик. Но, и тоа Лондон го интерпретира сосем поинаку – како понижување.

Во Техеран, и покрај се’, останаа мирни. Согледување на сопствената грешка од страна на Британците многу би го олеснило решението, се вели од Министерството за надворешни работи. Но, тоа не е на повидок. Поради тврдоглавоста на обете страни аферата може натамошно да се заострува. Арапската телевизија Ал-Арабија јави дека британски војници го опколиле иранскиот генерален конзулат во ирачкиот град Басра. Британската војска го демантира тоа, велејќи дека имало само патроли во околината на конзулатот, оти претходно било пукано врз британските војници.