1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Советот за безбедност на ОН ги осуди нападите во Либан

Извршителите на двата напади во либанскиот град Триполи мора да бидат изведени пред лицето на правдата, порача највиското безбедносно тело на Обединетите нации

Советот за безбедност на Обединетите нации ги осуди нападите во Либан, во кои во експлозии на два автомобили-бомби пред две сунитски џамии загинаа повеќе од 50 лица, а најмалку 500 беа повредени. Вчерашните напади беа втор смртоносен атентат во Либан во последниве две недели.

Во соопштението беше наведено дека Советот за безбедност „остро ги осудува терористичките напади“ во северниот либански град Триполи и се додава оти е неопходно одговорните да се изведат пред лицето на правдата.

Петнаесетчлениот Совет апелираше со сите Либанци да го сочуваат националното единство пред обидите да се загрози стабилноста на нивната земја. Во соопштението се истакнува и потребата сите страни во Либан да ја почитуваат политиката на својата земја за немешање во внатрешните работи на Сирија и да се воздржат од какво било вклучување во тој конфликт.

Тероризмот во сите негови форми е најголема закана за мирот и безбедноста изјави во Њујорк актуелниот претседавач со Советот за безбедност, амбасадорот на Аргентина во ОН, Марио Кристина Персевал.

Крвопролевањето во Либан го осуди и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, кој ги повика сите граѓани на Либан да бидат воздржани, да останат обединети и да ги поддржуваат своите државни институции, особено силите за безбедност, во одржувањето на редот и мирот во Триполи и во целата земја.