1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Советот за безбедност на ОН бара итен прекин на огнот

Највисокото тело на ОН, Советот за безбедност, усвои резолуција во којашто бара итен и долгорочен прекин на огнот во појасот Газа.

default

ОН бараат прекин на огнот

Речиси две недели по почетокот на израелската офанзива во појасот Газа, Советот за безбедност на ОН побара итен и долгорочен прекин на огнот. По повеќедневни советувања, Советот за безбедност вчеравeчер во Њујорк усвои резолуција за Блискиот Исток.

За резолуцијата во Советот за безбедност гласаа 14 од 15-те земји членки. Единствено САД гласаа воздржано. Американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс, по гласањето рече дека Вашингтон ги поддржува целите на резолуцијата, но се воздржале при гласањето бидејќи Соединетите Држави сметаат дека е важно да се почека исходот од египетската посредничка мисија.

Западните и арапските министри за надворешни работи постигнаа согласност за текстот на резолуцијата по повеќедневни преговори. Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Милибенд, смета дека резолуцијата е добра основа за прекин на конфликтот: „Наша задача е да го спроведеме текстот на резолуцијата во дело, и за тоа треба да ги вложиме сите сили.“

Што предвидува текстот на резолуцијата?

Во текстот на резолуцијата се осудува „секоја форма на насилство против цивилите“ како и „секој вид на тероризам“. Советот за безбедност побара итен прекин на огнот. Тој според највисокото тело на ОН треба да доведе до целосно повлекување на израелските трупи од палестинските области. Советот се заложи за воведување мерки, за да се спречи шверц на оружје од страна на Палестинците. Советот за безбедност повика и на „непречен пристап“ за хуманитарната помош во појасот Газа и укинување на блокадата за палестинските области.

Министерот за надворешни работи на Палестинците, Риал Малки, воздржано реагираше на резолуцијата. Според него, Палестинците стравуваат дека Израел би можел да го одолжи примирјето и да ги прошири нападите. Израелскиот кабинет од своја страна треба да се состане уште денеска, за да ја разгледа резолуцијата и да одлучи дали ќе ја прифати или офанзивата ќе продолжи. Радикално-исламистичкото движење Хамас соопшти, дека не се чувствува обврзан со резолуцијата бидејќи не учествувал во дискусијата.

Покрај дипломатските напори за надминување на конфликтот, продолжуваат воените акции. Во новите израелски напади во појасот Газа, животот го загубиле девет лица. Од почетокот на израелската офанзива на 27 декември, според палестински извори, животот го загубиле 770 лица, а повеќе од 3.200 се повредени.