1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Советот за безбедност демонстрира немоќ?

И покрај растечкото насилство во Сирија, Советот за безбедност на ОН изгледа неспособен за дејствување во вистинска насока.

default

Седница на Советот за безбедност на ОН

Беше тоа како игра на мачка и глушец. Прво на почетокот на февруари поради отпорот на Русија и на Кина пропадна обидот за усвојување на повеќепати преформулираната резолуција со која сириското раководство требаше да се принуди на отстапки. Потоа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров отпатува во Сирија, а истовремено повеќе земји ги повлекоа своите амбасадори од Дамаск. Кина и Русија станаа цел на критики ширум светот. Особено поради тоа што, како што се пожали Комесарот за човекови права на ОН Нави Пилај, насилството на сириското раководство против бунтовниците значително се зголеми по неуспехот на резолуцијата.

Уникатен гремиум

Советот за безбедност на ОН со ветото на неговите две постојани членки самиот се блокираше кога станува збор за Сирија. Елизабет Шендорф од Фондацијата за наука и политика од Берлин меѓутоа не мисли како многумина дека со тоа Советот за безбедност се направил себеси одвишен.

Syrien Homs Explosion Februar 2012

Насилството во сирискиот град Хомс не запира

„Вниманието, кое му се придава во моментов на Советот за безбедност ја покажува неговата релевантност како уникатен гремиум, кој ја носи одговорноста за меѓународниот мир и безбедност. Трагично е меѓутоа што неусвојувањето на резолуцијата изгледа дека е повод за брз раст на насилството во Сирија“.

Меѓутоа, истакнува Шендорф, не смее да се заборави дека нема друга алтернатива. „Ние немаме друг гремиум, кој во вакви глобални размери би можел да ја остварува истата функција. Во рамките на Советот за безбедност државите мораат да преговараат и да признаваат“.

Поранешниот германски амбасадор во ОН Томас Матусек се согласува со тоа: „Советот за безбедност е највисокиот орган на легитимитет кој го има светот и затоа моралниот авторитет, кој го има Советот за безбедност не смее да се потцени“.

Сопствени интереси контра човечност?

Сепак меѓународната заедница беше шокирана со оглед на толкавото форсирање на сопствените интереси во случајот со Сирија. Матусек знае за такви ситуации и од врмето на неговиот мандат меѓу 2006 и 2009 година. Тогаш при неколку резолуции за Иран имаше иста состојба: секој се обидуваше да ги заштити сопствените интереси.

Syrien Vereinte Nationen Protest Veto Russland

Сиријци протестираат против ветото на Русија и на Кина во Советот

И тоа не е случај само со резолуциите за Сирија и за Иран. Бранењето на сопствените интереси е постојана практика во Советот на безбедност. Често станува збор за одмерување меѓу интересите и моралните обзири, смета политикологот Давид Босолд. Според него во ваквото однесување нема многу да промени ниту поинаков состав на Советот за безбедност.

Една од причините за актуелниот ќорсокак во Советот за безбедност е и самата Повелба на ОН. Од една страна Спветот за безбедност е повикан да го заштитува светскиот мир и меѓународната безбедност, од друга страна пак Повелбата пропишува дека притоа не треба да дојде до мешање во внатрешнитe работи на државите. Според Давид Босолд овој конфликт постојано се отсликува во начинот на кој гласаат определени земји. Посебно Русија и Кина принципот на немешање го интерпретираат многу рестриктивно.

Во последно време се разви и дискусијата за принципот „responsibility to protect" односно одговорноста за заштита на цивилите и од страна на меѓународната заедница. Таа важи секогаш кога државите не сакаат или не се во состојба самите да ја преземат одговорноста, објаснува политикологот Шендорф. Меѓутоа секогаш ќе биде тешко кога станува збор за суверенитетот. Првиот чекор е направен смета Шендорф „Но, ќе биде потребен уште долг процес на учење и прилагодување, додека Советот за безбедност пронајде пристап кон оваа идеја за одговорност за заштита, исто како и со прашањето со какви инструменти таа би можела да се спроведе во поединечни случаи“.

UN Blauhelme Golan Höhen Syrien Israel

Идејата за сини шлемови во Сирија е неостварлива?

Потребно е брзо дејствување

Со оглед на ескалирачкото насилство во Сирија, ОН би морале да дејствуваат под итно. Набљудувачка мисија или испраќање на сини шлемови во моментов не доаѓаат во прашање поради одбивниот став на Сирија. Останува свикувањето на Генералното собрание на ОН. Тоа треба да се случи денеска. Во предлог-резолуција подготвена од Египет треба да бидат осудени повредите на човековите права во Сирија и да биде поддржан планот на Арапската лига за ставање крај на конфликтот. На Генералните собранија не може да се поднесе вето, меѓутоа сите заклучоци остануваат само со апелативен карактер. Санкции на ОН може да усвои само Советот за безбедност. Поранешниот амбасадор Матусек не гледа други алтернативи: „Би можело да се усвојат санкции во други гремиуми или еднострано или пак да се посегне по мерки за помош за бунтовниците“. Во Берлин и други главни градови веќе се размислува за санкции.

Автор: Сабине Хартерт Мојдехи/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска