1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Собраниска седница за признавање на Косово

Координаторите на пратеничките групи од власта и опозицијата се договорија денеска да се свика итна собраниска седница. На дневниот ред - резолуцијата за признавање на Косово, предложена од ДУИ и ДПА.

default

Границата меѓу Косово и Македонија

Македонија да ја признае независноста на Косово. Тоа е во интерес на двете соседни земји, и од голема важност за стабилноста во регионот. Владата треба итно да ја донесе одлуката за признавање на Косово, според планот на специјалниот пратеник на ОН, Марти Ахтисари и со оглед на завршената демаркација на македонско-косовската граница. Ова е дел од предлог-резолуцијата, иницирана од пратеничките групи на партиите од албанскиот табор, Демократската Унија за Интеграција и Демократската Партија на Албанците.

За денеска е закажана итна седница на Собранието, на која треба да се води расправа околу признавањето на Косово.

До доцна синоќа (08.10.2008) траеше координативната средба меѓу претседателот на парламентот, Трајко Велјановски и шефовите на пратеничките групи. Во Собранието се одржа и консултативна средба на пратеничката група на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, на која учествуваа и премиерот Никола Груевски, сите министри од редовите на оваа партија, како и полицискиот врв.

Албанските партии единствени

Албанскиот политички фактор во Македонија се обедини откако лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, беа соочени со жесток притисок од страна на властите во Приштина.Во изминативе денови, западните дипломати во Скопје пак интензивно и‘ сугерираа на македонската влада да ја донесе одлуката за признавање на Косово. На денешната итна собраниска седница, треба да се врати и пратеничката група на ДПА. Нејзиниот лидер, Мендух Тачи, го условуваше прекинот на бојкотот на неговата партија на собраниските седници токму со парламентарна дебата за признавање на Косово.

Дебата ден по одлуката во ОН

Премиерот Никола Груевски досега тактизираше, нагласувајќи дека владата внимателно го следи овој процес и оти постапува согласно државните интереси и во постојана координација со партнерите од НАТО и ЕУ.

Gruevski Statement.jpg

Премиерот Груевски под притисок

Парламентарната дебата за признавањето на независноста на Косово во Македонија ќе се води еден ден откако Генералното Собрание на ОН ја подржа иницијативата на Србија - одлуката за прогласување независност на Приштина да биде преиспитана од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Македонија во Њујорк се воздржа од гласање.

Инаку, македонските власти вчера се обидоа да го маргинализираат завчерашниот инцидент на веќе одбележаната македонско - косовска граница. Месното албанско население од Љубаништа во Косово урна неколку гранични камења, поставени неодамна од страна на членовите на мешовитата комисија на Скопје и Приштина за демаркација на границата.

Вицепремиерот Ивица Боцевски истакна дека инцидентот бил предизвикан од криминални мотиви. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, пак соопшти дека имало само делумно оштетување на граничните камења:.

Колегите од косовската страна увериле дека не се работи за сериозен и организиран инцидент, истакна Јанкуловска. Репортерите на телевизиските куќи од Скопје не забележаа никакви вознемирувачки реакции на албанското население во македонските села по должина на косовската граница.