1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Собранието расправа за признавањето на Косово

На почетокот на денешната седница на македонскиот парламент, опозицијата побара мислење од Владата за предлог-резолуцијата за признавање на независно Косово.СДСМ сака во Собранието да го види и премиерот Никола Груевски.

default

Пратениците во Скопје пред сериозна одлука

Во македонскиот парламент почна дебатата околу предлог-резолуцијата за официјално признавање на Косово, што синоќа ја предложија парламентарните партии од албанскиот блок, ДУИ, ДПА и Нова демократија. Иницијативата беше стартувана откако беше усвоена предлог-резолуцијата на Србија во Генералното собрание на ОН, со која се бара Меѓународниот суд на правдата во Хаг да ја преиспита независноста на Косово.

Опозицијата бара став од Владата околу признавањето на Косово

Со предлог-резолуцијата на трите албански партии доставена до македонскиот Парламент, се бара Македонија да ја признае независноста на Косово. Тоа е во интерес на двете соседни земји, и од голема важност за стабилноста во регионот. Владата, според предлог резолуцијата, треба итно да ја донесе одлуката за признавање на Косово, согласно планот на специјалниот пратеник на ОН, Марти Ахтисари и со оглед дека привршува демаркацијата на македонско-косовската граница.

Денешната дебатата во Парламентот во Скопје, ја врати во Собранието на Македонија и опозициската ДПА, која воедно го условуваше своето враќање токму со расправа за признавање на Косово од страна на Македонија. Во предпладневата парламентарна расправа, опозицискиот СДСМ пак побара мислење од Владата за предлог-резолуцијата како и на седницата на Собранието да присуствуваат премиерот Никола Груевски и министрите за надворешни односно за внатрешни работи,Антониот Милошоски и Гордана Јанкуловска.

Албанците и Македонците поделени околу признавањето на Косово

Инаку пратеничката група на СДСМ, неполн час по поднесувањето, ги повлече двата амандманa на Предлог-резолуцијата за односите на Македонија со Косово. Во амандманите беше побарано Македонија да го признае Косово,дури откако целосно ќе заврши процесот на техничка демаркација на северната граница со Косово и откако ќе бидат добиени гаранции од Приштина за признавање и користење на уставното име на Македонија.

Од дипломатски кругови пристигнуваат информации, дека владите на Црна Гора и на Македонија истовремено треба да ја признаат независноста на Косово, одлука која би уследила по силниот притисок од западните земји. Во анкета, што неодамна ја спроведе Институтот за демократија, над 70 насто од Македонците не се согласуваат со таквата одлука, додека 90 проценти од Албанците во земјата сметаат дека Македонија треба да го признае независно Косово.