1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Собранието ги изгласа промените во законот за јазиците

Пратениците со 58 гласа „за“ синоќа ги изгласаа измените на Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и во единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка.

default

Од 20 пратеници од заедниците, 16 гласаа „за“, а четворица беа против. Со измените се предвидува покрај пратениците, на собраниските седници и на работните тела на мајчин јазик различен од македонскиот, да може да зборуваат и министрите и други назначени функционери, ако јазикот го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните.

За овие измени во Собранието имаше жестока дебата. Пратениците од опозициската СДСМ уште на почетокот на расправата беа децидни во ставот дека нема да ги поддржат измените, затоа што, според нив, се прекршува Уставот и Охридскиот рамковен договор. Опозицијата забележа и дека законот се носи по скратена процедура, без претходна јавна дебата.

И пратениците од албанската опозициска ДПА беа против овие измени, зашто бараат албанскиот да биде службен јазик, а не да се нарекува јазик на најмалку 20 отсто од граѓаните.

Од власта негираа дека е ревидиран Охридскиот договор, дека е прекршен Уставот и Деловникот на Собранието. Според нив измените во законот се резултат на одредени уставни одредби и произлегуваат од потребата за унапредување на меѓуетничките односи.

Собранието вчера ја исцрпе и расправата по Предлог-законот за изменување на Законот за употреба на знамињата на заедниците, по скратена постапка. Поради немање кворум, собранискиот спикер Трајко Вељаноски ја прекина седницата и нејзино продолжение закажа за во понеделник (18.07). Измените на Законот за употреба на знамињата на заедниците предвидуваат локалните самоуправи во кои над 50 отсто од населението се припадници на заедницата, да може го истакнуваат нивното знаме заедно со државното македонско знаме кое мора да е за една третина поголемо.

Автор: ТТ/ЕМФ/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM