1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Собарката го идентификува, Штрос-Кан порекнува

Шефот на ММФ, Доминик Штрос-Кан, ги отфрла обвинувањата за обид за силување. Неговиот адвокат изјави дека тој ќе преземе мерки против обвинувањата. Шефот на ММФ беше идентификуван од собарката која наводно ја нападнал.

default

Доминик Штрос-Кан со лисици на рацете

Пред зградата на судот во Њујорк, каде што денеска треба да биде изведен Доминик Штрос-Кан, адвокатот на шефот на ММФ, Бенџамин Брафман изјави дека неговиот клиент ги отфрла сите обвинувања. Штрос-Кан дури денеска ќе биде изведен пред судијата кој треба да донесе одлука за евентуален притвор поради тоа што на полицијата и‘ било потребно време за обезбедување докази. Имено, полициските службеници, според сопствени наводи, бараат траги од ДНА на облеката на шефот на ММФ.

Собарката го идентификувала Штрос-Кан

Доминик Штрос-Кан има неколкумина адвокати. Французинот е обвинет за обид за силување и сексуално вознемирување од страна на една 32-годишна собарка од хотелот Софител, каде што до саботата бил сместен шефот на ММФ. Според нејзиниот исказ, Штрос-Кан излегувајќи гол од бањата, ја заклучил во хотелската соба и се обидел да ја принуди на секс, но таа успеала да се ослободи. Според телевизијата МСНБЦ, Штрос-Кан ја принудувал собарката на орален секс. За деликтите за кои се товари шефот на ММФ во САД се добиваат казни затвор во траење до 20 години. Собарката, според полицијата, работи три години во хотелот на Тајмс Сквер. Таа веќе го идентификувала Штрос-Кан како напаѓач.

Dominique Strauss-Kahn Verhaftung New York USA

Штрос-Кан беше уапсен во авион, во саботата попладне, на аеродромот Џон Ф. Кенеди во Њујорк, неколку минути пред да полета за Париз. Претходно, според полициски наводи, ја напуштил набрзина собата, оставајќи некои лични работи во хотелот, меѓу другото и мобилниот телефон. Портпаролот на полицијата Џон Гримпел изјави дека на трагата на Штрос-Кан практично му се стапнало откако тој се јавил во хотелот да праша за неговиот мобилен телефон и кажал каде се наоѓа за вработени од хотелот да му го донесат телефонот.

Скандал во незгоден момент

Французинот вчера требаше да води разговори во Берлин со германската канцеларка Ангела Меркел, а денеска требаше да присуствува на средбата на министрите за финансии на ЕУ во Брисел. Поради скандалот околу Штрос-Кан сега под притисок е и финансиската помош за Португалија и Грција. Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, сепак, не очекува одлагање на преговорите околу пакетите за помош:

Dominique Strauss-Kahn Verhaftung New York USA

Полицијата го уапси шефот на ММФ

„ММФ е тука за да дава совети. Сега нема да дојде директорот Штрос-Кан, туку негов заменик, но одговорите, информациите што ни‘ се потребни од ММФ, ќе ги добиеме. ММФ е голема институција која е сосема способна да дејствува и да носи одлуки.“

Надзорниот одбор на ММФ требаше да одржи вонредна седница уште вчера, но таа како што јави „Вол стрит журнал“ е одложена поради одлагањето на терминот во судот за Штрос-Кан. Засега работите ги презема заменик директорот на ММФ, Џон Липски.

Автор: ЕМФ/ЖА/афп/дпа/дв

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM