1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сноуден се надева на политички азил

Екс-соработникот на ЦИА, кој го откри постоењето на тајните програми за следење на комуникациите, по бегството во Хонгконг изјави дека се надева на политички азил во „која било земја која верува во слободата на мислење“.

Поранешниот техничар во ЦИА, 29-годишниот Едвард Сноуден, кој самиот обелодени дека е изворот на информацијата за тајните програми на американската влада за следење на комуникациите, која се појави во медиумите, избега во Хонгконг. Во интервју за „Вашингтон пост“ утрово (10.06) тој изјави дека бара прибежиште во секоја земја која верува во слободата на мислење и се противи на загубата на приватната сфера. Сноуден како можен кандидат во весникот „Гардијан“ го споменува Исланд.

Тој изјави дека дејствувал од патриотски причини. Британскиот весник „Гардијан“ на својата интернет страница објави 12-минутно интервју со Сноуден, дадено од Хонгконг, каде што се наоѓа од 20 мај. Тој самиот барал да се идентификува како извор на информацијата за тајната програма на Владата, „Призма“, според која се следени телефонски и интернет комуникации со директен пристап до серверите на најмалку девет од најголемите интернет компании како Гугл, Фејсбук, Скајп и Јутјуб.

Во интервју за „Гардијан“, Сноуден рече дека работел во Хаваи за консултанстката фирма „Буз Ален Хамилтон“ (Booz Allen Hamilton) како аналитичар на инфраструктурата за Агенцијата за национална безбедност (НСА). Тој одлучил да ги открие во медиумите информациите за следење на комуникациите, затоа што шефовите не обрнувале внимание на неговите предупредувања за нарушување на правото на приватност од страна на НСА при набљудување на комункациите на приватни лица.

Сноуден го открил својот идентитет, затоа што смета дека треба да ги објасни мотивите на јавноста.

„Единствена цел ми е да ги информирам луѓето за она, што се прави од нивно име и се прави против нив. Општеството треба да реши дали тие нешта се правилни или погрешни“, додаде тој.

Поранешниот техничар во ЦИА го избрал Хонгконг, каде отседнал во луксузен хотел, поради „силната традиција на слободата на говорот“.

Компанијата „Буз Ален Хамилтон“ изјави дека Едуард Сноуден бил нејзин службеник помалку од три месеци.