1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сноуден не земал тајни документи со себе во Русија

Поранешниот американски разузнувач во интервју за Њујорк Тајмс вели дека руските и кинеските служби не добиле пристап до тајните документи за прислушкувањето на американската НСА.

Поранешниот соработник на американската агенција за разузнавање Едвард Сноуден изјави, во интервју за весникот „Њујорк тајмс“, дека не земал со себе во Русија никакви тајни документи.

Сноуден избега во Русија од Хонг Конг во јуни годинава. Москва неодамна му даде времен азил од една година. САД го бараат за шпионажа откако објави доверливи инфoрмации за програмата за електронско следење на американската Агенција за национална безбедност (НСА). Во интервјуто, водено со шифрирани комуникации на Интернет во период од неколку дена, Сноуден изразил уверување дека ги дал сите документи со кои располагал на новинарите уште кога бил во Хонг Конг, пред да замине за Русија, како и дека не направил нивна копија бидејќи тоа не било во јавен интерес.

Сонуден, нагласува дека можел да ги заштити тие документи од кинеските тајни служби благодарение на познавањето на методи со кои работи американската НСА.

„Нема никакви шанси Русија или Кина да добиле некои од документите“, нагласи тој.

Американски официјални претставници повеќе пати досега изразија загриженост дека руското или кинеското разузнавање би можеле да дојдат до некои од документите, со кои располагал Сноуден. Сноуден во интервјуто истакнува дека НСА знае, оти тој не соработувал со странски агенции за разузнавање.

„НСА не објави ниту еден пример за штети од таквото објавување на информации“, истакна тој, додавајќи дека никогаш не планирал да ги даде своите услуги на Кина или Русија.

Според Сноуден, со откривањето на информациите за следење на електронските комуникации на Интернет тој дејствувал во корист на националните интереси на САД.