1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сноуден и натаму не може да најде прибежиште

Поранешниот соработник на американската Национална безбедносна агенција НСА, Едвард Сноуден останува во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево, и се' помали се шансите дека некаде ќе добие политички азил.

Сноуден, кој објави тајни податоци за американската програма за надзор на комуникациите ширум светот се обидува да добие азил во некоја земја која нема да го екстрадира во САД. Шест дена откако вложи барања за азил во 21 земја неговата состојба не делува ништо појасна.

Франција и Италија вчера соопштија дека нема да го примат, претходно тоа го сторија и Германија, Бразил, Норвешка, Индија, Полска, Исланд, Австрија, Финска, Холандија и Шпанија. Руското министерство за одбрана денеска соопшти дека повеќе не сака да го коментира случајот, кој за Русија станува се' понепријатен. Синоќа, заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва веќе не може да влијае врз судбината на Сноуден, кој се откажа од барање азил во Русија. Рускиот претседател Владимир Путин претходно од него бараше да престане со објавување на „чувствителните“ податоци за САД доколку сака да добие азил, што Сноуден го одби.

Паралелно со проблемот со Сноуден, меѓународните односи се' уште ги потресуваат и реакциите по принудното приземјување на авионот на боливискиот претседател Ево Моралес во Виена. Боливија и нејзините сојузници во Јужна Америка побараа јавни извинувања и објаснувања за инцидентот. Во заедничката декларација на која се потпишаа и Еквадор, Суринам, Аргентина, Уругвај и Венецуела, овие земји наведуваат дека навредата која Европа му ја приреди на Моралес не е само лична навреда, туку и навреда за цела Јужна Америка.

Snowden Flucht - Boliviens Präsident muss Flug abbrechen

Ево Моралес во чекалната на виенскиот аеродром

Шпанија денеска соопшти дека и било сугерирано оти во авионот на Моралес се наоѓал и Сноуден. Шефот на дипломатијата Хозе Мануел Гарсија Маргајо, сепак, тврди дека неговата земја не му забранила прелет на авионот на Моралес. Маргајо одби да каже кој ја информирал неговата влада дека во авионот на Моралес е пребеганиот американски разузнувач.

„Ни беше речено дека тој е внатре. Реакцијата на сите европски земји кои презедоа мерки, без разлика дали тие беа правилни или не, се должеа на информациите кои ни беа дадени“, вели Маргајо.

Боливија ги обвини Шпанија, Португалија, Франција и Италија дека одбиле да му дозволат прелет на авионот на претседателот Моралес. Претседателот на европскиот парламент Мартин Шулц кој е во посета на Шпанија изјави дека „односот кон претседателот на Боливија бил смешен и целосно неприфатлив“.